126. Книжевност и новинарство
Мислам дека е важно кога станува збор за наспоредноста помеѓу моето професионално новинарство и континуираното книжевно творештво: дека секогаш сум ги разграничувал, можам да речам и строго, односно дека во ниеден период, па и при реализација на конкретни проекти и дела не сум си дозволил да ги „помешам“; или да ги „поставувам“ во некаква меѓусебна условеност. Тоа секогаш не одело лесно, но кога сум го правел свесно, намерно, тоа сум го потенцирал.
„Најжестокиот“ судир на тие две мои, да ги наречам животни определби-новинарството и книжевното творештво, го имав во првите три ипол години од мојот работен стаж како радио новинар.
Имено, како млад поет, со две поетски дебитантски дела („Куќа што молчи“ и „Некогаш игра“), „случајно“ се најдов во Спортската редакција на Македонското радио, како млад новинар-соработник (откако по аудициите одбив да ме вработат како спикер; понудата беше со оглед на гласовните специфики и говорната чистота). Велам „случајно“, зашто бројот на кандидатите за прием беше ограничен и „договорен“, па јас привремено бев „сместен“ во таа редакција. Во тоа време мошне слушана беше неделната програма „Неделно спортско попладне“, пред сѐ поради водителството на Драги Михајловски кој веќе најави(л) заминување во Македонската телевизија. Јас „дојдов“ како негова замена. Се разбира, сите во редакцијата знаеја дека сум поет, некогаш правеа „благи“ подбишеги со тоа, но мислам дека ниту уредникот Бранко Давидовски, ниту новинарите со завиден стаж, кои сесрдно ми помагаа што побрзо да го усвојам спортскиот речник и говор (прилично редуциран, „соголен“), во ниеден мој прилог не среќаваа какво било „поетизирање“. Дури и при моето „крштевање“ како спортски репортер (не баш успешно) единствен „поетски опис“ на ситуација на фудбалскиот натпревар (повремени директни вклучувања заедно со Љупчо Стефковси), што кусо време се користеше за подбишега, беше описот на прекинот: „Натпреварот е прекинат откако играчот со број…наместо топката го удри со тупаница и го повреди својот чувар; тој падна на земја како покосен, топката излезе од теренот, а играчите се степаа. Уште се тепаат…“ („влета“, ме прекина Стефковски). И сега, додека го пишувам ова не можам да се воздржам од смеа.
За „мешањето“:
Во некои емисии и програми сум вградувал понешто од моето книжевно творештво, на пример песни, раскази, афоризми, сатира: во забавно-рекреативната програма „Радио урнебес“, во едукативно-забавната емисија „Паноптикум“, секојдневни куси раскази во рубрика во утринска програма. Мислам дека бев и сѐ уште сум еднствениот кој реализацијата на емисија вести („Радио дневник“ на Втората програма на Македонското радио) на неколку наврати ја имам започнато со мое читање поезија-песна од истакнат македонски поет или моја, посредно, па и непосредно поврзана со главниот дневен настан.
Се разбира, сум реализирал и посебни „книжевни“ емисии односно радио проекти. За серијата „Лирско ехо“ имам добиено и значајна новинарска награда.
И по пензионирањето како новинар продолжив, продолжувам со наспоредно занимавање со новинарство и книжевно творештво. Со една суштествена разлика: посветувајќи се на едното или другото, едното или другото некое време сосем го запоставувам. Така е и токму сега: во последниве неколку години (речиси деценија) за да завршам повеќе книжевни дела и едновремено да создадам нови, во „мирување“ го ставив мојот блог на Интернет „Поента“; кој пред неколку години го „полнев“ секојдневно со коментари на актуелни прашања и проблеми од сите области, согледби на политички, економски, културни и други состојби, како и промислувања за суштествени опшествени процеси.