131. Секој ден макар ред, макар стих
Можам ли јас барем еден ден да не напишам ниту ред? Се разбира дека можам. Сум имал, имам и секако допрва ќе имам многу такви денови.
Но, од каде ми се наметна или си наметнав вакво прашање? И не е ли поприлично недоветно? Не е!
Да, точно, не многу години туку повеќе од пет децении секој ден пишувам макар ред. Но во некои години и децении секојдневно и сум зборувал. Да, мислам на моето четиридецениско радио новинарство, пред микрофон и со него в рака.
Токму во врска со зборувањето паметам, а сигурен сум дека паметат и мои поранешни колеги неколку анегдоти и подбишеги на моја сметка. На пример: „Ти едноставно не можеш без микрофон. И ноќе пред спиење го оставаш вклучен меѓу тебе и жена ти!“. Или: „Кога би ти го одзеле микрофонот, ти во следниот момент би умрел“.
Како многу други нешта во животот, и наведеното „практично“ брзо го демантирав. Веќе години не сум прозборел во етер, не сум зел микрофон в раце, а на тоа сега не ни помислувам. Како никогаш да не сум бил радионовинар и еден од најдобрите радиоводители во Македонија. (Во една научна студија бев прогласен и за најдобар во мојата „категорија“.) Кога ќе се слушнам во некој од сочуваните/документираните авторски прилози, емисии и проекти, како тоа да не сум јас. И просто не сакам да се слушам. Со еден збор, пред веќе многу години јас и микрофонот се разделивме и најверојатно до крајот на мојот живот нема пак да се „врземе“. Особено не пак да станеме „неразделни“.
Исто е и со моето пишување, во последниве неколку години само на книжевни дела? Речиси исто! Во последниве години нема ден да не напишам макар ред, макар стих. Ако не повеќе. Но дали и со него-со пишувањето скоро ќе се „разделам“ за никогаш пак да не станеме „неразделни“? Не! Тоа е просто невозможно! Јас сум повеќе од пет децении книжевник и мислител, ќе бидам тоа до крајот на животот, а се надевам со понешто од напишаното/создаденото и макар некое време по него. Како трага на моето постоење и опстојување во мое време.
Наскоро ќе ги завршам недовршените, незаокружените и не(с)уредените поетски и прозни дела (нивна конечна редакција). Потоа? Потоа и во меѓувреме ќе почнам нови.
Воопшто не се оптоварувам себеси со прашањето дали макар едно мое дело ќе биде објавено во книжен формат до крајот на мојот живот. Впрочем, оставив аманет/ напишав/ објавив дека тоа не го дозволувам, со една отстапка: ако се објавува во странство (преведено) и надоместокот за тоа биде соодветен, достоинствен.