167. Мудроста и годините
Со мудроста на народот сум, на македонскиот и на други народи на светот. Но и на големи луѓе во минатото и сегашноста. Имам собрано илјадници од народното творештво, подвлечени-извлечени од дела што сум ги прочитал и ги читам, од печатени збирки на мудрости и сајтови на Интернет. Се мислам и јас да креирам еден, се разбира поинаков, различен од другите.
Ми го богатат духот, ме вдахнуваат, ме поттикнуваат на промислување, домислување и формирање мои становишта.
На пример годините. Најпрвин мој мал „вовед“ за нив:
Како ни идат годините, така ни престасува младоста и нè достасува староста. Секоја нова година отфрла или заборава сè што е од старост истрошено, изнемоштено. Приграбува сè што се најавува ново како искуство и вистина за да го започне или да го продолжи.
Годините се трошат, невратно заминуваат, а по нив останува само од нас правеното-недоправеното. За сеќавање и спомнување до заборавање.
Младоста се избира како поарна од староста поради времето што се начекува, пречекува, надоаѓа, брзо иде, или поради силата и енергијата што се трошат како никогаш да нема да се дотрошат.
По нешто од двете, а најнешто од трето: убавината и леснината на животот. Наспроти грдотијата, грубоста, суровоста и тежината на старите години.
Што помеѓу младоста и староста? Ништо и никому ништо!
А во секоја од нив? Од секого нешто, ама за никого сешто.
Што со младоста и староста? Секогаш доволно, никогаш премногу и никако со сметки од нив за пресметки без нив.
Колку време жално кога младоста ја отфрла или заборава староста, а староста не ја разбира и не ѝ верува на младоста!
Кога ќе ти натежнат годините не мора и здравјето, а не мора и светогледот да ти се само за денес. Напротив, тие се носат со напор, од ден на ден сè поголем, но здравјето може да се варди уште долго како неначнато. Најмногу здравјето на духот.
Не е работата дали староста (си) ја признаваме или не пред оние што ни се противат или полесно (полетно) и побрзо чекорат напред во животот (ние неминовно назад), туку колку сме заедно со нив во опстојувањето.
Мудроста доаѓа со годините? Нема врска! Годините ни доаѓаат со мудрост ако продолжиме животот да го живееме со нам блиските и најблиските, а не да го живуркаме со сè подалечните и најдалечните од нас. Или преживуваме во осама.
Сега пословиците:
Македонски народни пословици
Врват саатите, дните и годињето, како по реките воѓето.
Денот што донесуат, годината не носит.
Ланската година ја бараме годинава, а годинашнава в година.
Лигаата (година) е бериќетлија, ама болезлија.
Што чине час’т, не чине годината.
Дните праат годиње.
Збирај на младос, да имаш на старос.
Староста не ет радосна како младоста.
Пилците си ведат пилиња и ‘и ранат, без да се надеаат оти на старос ќе ‘и гледаат.
Да ти имам младоста, (а) да ти немам срцето.
Да сум млад како тебе, но не и мрзелив како тебе.
Со оваа пословица старите пргави луѓе ги укоруваат младите, мрзеливи момци.
Збирај на младос, да имаш на старос.
Којшто на младос дење преспива, на старос ќе гладуа.
Којшто на младос растура, на старос ќе страда.
Којшто сака да се починит на старос, нека се помачит на младос.
Младос лудост-матна вода.
Младос(та) течит како река, ама не е за два века.
Младоста поминува, таа кратко трае, а речиси сè истекува.
Староста не ет радосна како младоста.
Пословици од народите на светот
Во добра година житото е слама, а во лоша сламата е жито. (Шпанија)
Годината има усти што се протегаат низ дванаесет месеци. (Русија)
Лошата година ретко доаѓа сама. (Германија)
Слабите години ги јадат дебелите. (Германија)
Тешко на онаа година во која птиците не ќе направат штета. (Италија)
Младоста е богато утро од кое треба да се позајми за вечер. (Германија)
Млад бидуваш еднаш, а дете двапати. (Финска)
Младата месечина не свети цела ноќ. (Русија)
За да успееш, советувај се со тројца старци. (Кина)
Старите реки не пресушуваат. (Јапонија)
Зеленото дрво дава повеќе дим отколку оган. (Данска)
Младоста треба да има три нешта: мудрост во главата, молчење на устата и срам на лицето. (Германија)
Младоста и белата хартија примаат сè што на нив ќе се втисне. (Англија)
Мислите на младите се менуваат како брановите на морето. (Финска)
Млад човек, млади и мисли. (Русија)
Младата месечина не свети цела ноќ. (Русија)
Секое пиле сака да ја разбие својата лушпа. (Италија)
Би било добро кога младоста би знаела сè што може, а староста би можела сè што знае. (Бурма)
Младоста предлага, староста одлага, а средината извршува. (Кина)
Младите не знаат што е старост, а старите забораваат што била младоста. (Ирска)