БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

135. Конкретно за ова дело

Мислам дека веќе сум нагласил, но да не проверувам, еве: ова не е моја биографија односно автобиографија, туку она што е назначено во насловот: биографски белешки на еден книжевник и обичен смртник. Станува збор за необично и автентично прозно дело?

Мислам да, ако се има предвид од една страна токму веродостојноста на изнесените случувања и состојби од мојот живот, од раното детство сѐ до годиниве од трето доба, потоа раскажувањето поточно бележењето на „обичен смртник“ во прво лице еднина, моето „самопортретирање“ како „еден книжевник“, а од дуга отсуството на основните елементи на расказот, повеста или романот (не само дејствие). Нема ниту транспонирање на стварен во макар делумно замислен, заумен свет, ниту трансформирање на какво годе животно искуство во некаква фантазмагорична „претстава“.

Уште еден суштествен елемент на автентичноста на ова дело: белешките не се со хронолошки ред или со хронолошки датуми, а селективноста е свесна, очевидна, што не е „својствено“ за биографијата, особено не за автобиографијата.

Дотолку повеќе кога ќе се издвојат белешките за маргинализацијата и непризнавањето на мојата личност како книжевник и мислител, па и ништожењето на моето книжевно творештво, на мои книжевни дела.

Конечно: кој ја пишува „мојава“ биографија бидејќи не е автобиографија? Одговорот е мошне едноставен: јас и не-јас!

Јас како некој што прво се навраќа, се сеќава на случување или состојба во своето минато, го доживува одново, а не-јас кога истото го бележам за „биографијава“ да ја споделам со оној кому таа му претставува предизвик.

Белешка во два-три реда:

Книжевник во години не се слуша, ниту се среќава со свој современик или со некој од помладите генерации. Не само зашто не чувствува потреба од тоа, туку пред сѐ поради премолчувањето односно игнорирањето на неговото творештво. Уште од првото, дебитантското поетско дело, па до последните што ги завршува забрзано. Мисли, па и чувствува дека нема уште многу време за создавање. Многумина спрема него се однесуваат како да е одамна мртов!

Специфично, единствено за него: воопшто не е заинтересиран за објава на делата што ги создал и ги создава во печатен формат, ниту се обидува да ги заинтригира читателите и критичката мисла за нив. Напротив, опстојува на ставот искажан како аманет: по неговата смрт тие или да се уништат-да се избришат од Интернет, да се блокираат на неговата творечка веб страница, или потомците да дозволат да се објават за пристоен, што значи достоинствен авторски надомест, и тоа како специфични библиофилски печатени изданија.

Тој се смета себеси за обичен смртник. Како секој друг. Кој минал и уште некое време ќе минува низ животот како секој друг и кој ќе биде брзо заборавен од сите. Бидејќи животот од ден на ден се забрзува сѐ повеќе.

Leave the first comment