141. Патемна белешка за патувањата
Патувањата во животот на секој книжевник се многу, може и секидневни, а никогаш доволно. Особено имагинарните, и тоа како откривање, истражување, доживување, како авантура на неговиот дух.
Патувањата во животот на секој обичен смртник не се многу, некогаш ни едно во четири годишни доба, а секогаш доволно. Куси, до блиски места, до далечни, секогаш појдовни и дојдовни, конкретни. Но не малку од нив и повторливи, без некој особен, изразен интерес, неретко без никаква смисла и значење.
Од многуте мои имагинарни патувања како книжевник ги издвојувам оние што ги остварив низ минатите и сегашните времиња на уметноста, како и на особеностите на одделни народи и простори. Неповторливи, запишани, снимени како аудио-радио проект од таканаречен јавен интерес. Притоа, податоците, документите, фотографиите и согледбите на учени, енциклопедиските одредници и студии, што ги користев за (о)пишување на тие мои патувања, неминовни за кое било и какво било индивидуално или колективно патување, имаа вообичена функција-едновремено да воведуваат и предизвикуваат, да едуцираат и поттикнуваат, да споделуваат доживеано. Имагинарни патувања низ египетската, етрурската, кинеската уметност, романтизмот, барокот…
Од малкуте мои патувања како обичен смртник, во живо сеќавање ми е едно дамнешно патување како спортски новинар во Финска, во малото гратче Пиексамаки, некои двесте километри близу до Северниот пол. Да, како спортски новинар-известувач од финале на европскиот клупски шампионат во одбојка, на кое учествуваше македонскиот првак „Вардар“ (најголем успех во неговата историја).
Напишав и објавив радио-репортажа, која за жал не сум ја сочувал, а од неколкудневниот престој таму најчесто се навраќам на една бела ноќ во која чекорев по замрзнато езеро; притоа внивамавајќи премногу да не се оддалечам од брегот. Бела ноќ и ноќна тишина на замрзнато езеро.