144. На мое изненадување Јас книжевник
во улога на Јас обичен смртник зборува
за лажгите со и без опашки
Предлагам заедно да развиеме куса „теорија на лагата“ со што мислам дека полесно и побрзо ќе дојдеме до поентата на ова излагање. Ќе ја развиеме во согласност не со нејзината актуализација од страна на некои политичари, а само поттикнати од неа, туку како „изведенка“ на она што вообичаено ни го нудат партиите и од позицијата и од опозицијата како „реално остварливи“ ветувања.
Најнапред за двата основни „типа“ на лагата: лага со и лага без опашка.
Која е и каква лагата со опашка? Пред сѐ е многу лесна за откривање, прочитување дури и меѓу редови. Упростена до немајкаде. Но, не за да ја разбере секој, туку за да привлече што поголем број верувачи во неа. Нејзината опашка е многу важна, дури и поважна од „телото“. Имено, во опашката се собрани сите претходни сродни лаги или лаги поврзани директно односно индиректно со неа. Не само од минатото, туку и од сегашнината, а богами и од поблиското идно време. Баш затоа што е лесно препознатлива, таа е многу опасна. Затоа што е таква, многу не ѝ се обрнува внимание, па лесно проаѓа кај оние што не оти љубат да „веслаат“, туку оти им станало нормално да бидат „веслани“.
Се разбира, од сите лаги со опашки најинтересна и најупотребувана е политичката ла(ж)га со опашка. Како таква, таа има многу поголема „специфична тежина“ од онаа секојдневната-неполитичката. Прво, зашто без неа не можат ниту оние што лажат, ниту оние што ги лажат пред и за време на избори; а второ, поради ноторниот факт дека последиците од верувањето или неверувањето во неа се или можат да бидат големи, тешки и долготрајни. Исто така, кога е таа во прашање, многу е важна нејзината опашка. Не поради она што е собрано во неа, туку поради оние што таа ги собрала во себе како (зло)употребени, врзани и преврзани, зависно-презависни.
Лагата без опашка е пред сѐ нова, што значи немала време да добие опашка. Како таква-тазе лага е секогаш интересна, привлечна, предизвикувачка и ветувачка. Ако ја знаете разликата помеѓу лагата и ветувањето, јасно ви е дека лагата без опашка е најблиску до неа. Дури е многу тешко да се прави дистинкција помеѓу нив. Токму затоа е мошне тешка за носење и пренесување, а најтешка за продавање и убедување. Најчесто ја нудат нови, неопитни „субјекти“, па е многу тешко да ги разубедиш дека не е вистина.
Најблиска споредба на лагата без опашка е со „ветер и магла“. Знаете како изгледа „ветер и магла“, нели? Најмногу изгледа како како повеќедеценисака транзиција, а уште понајмногу како кога полит-бизнис олигарсите „мува не ги лази“ и кога е топло и кога е студено, во кое било годишно доба.
Лагата без опашка како политичка е поретка од онаа со опашка. Да, може само така да ни се чини поради својата убавина и невиност. Да, политичката лага без опашка е мошне убава, а згора невина па најлесно „легнува“.
Во секое предизборие особено се актуелизираат лажгите со опашки. Конкретно, оној што ги употребува при оценување на изборната програма на противникот веројатно знае кои се лажгите без опашки, па е ред да му помогне на електоратот да ги препознае навреме, додека уште има време, додека и тие не добијат…опашки.
Лична напомена:
Знам дека граматички е правилно опаш, бидејќи тој „сам по себе“, „природно“ е од машки род. Ама сепак, во ова мое излагање прифатив да е од женски-опашка. Особено затоа што на жените некако потешко им оди да смислат и нудат ла(ж)ги со опаши.