150. Што ќе правите со недовербата, дами и господа?
Јас обичен смртник, Јас сатирик и Јас книжевник случајно излегоа како еден пред народ беден и јаден, но сè уште надежен, обраќајќи им се на дамите и господата зад нив и околу нив. Го одржаа со повишен глас по малку лут и по малку нервозен следниов говор за недовербата:
„Да, тоа е најголемиот нерешлив проблем и за власта и за опозицијата. Но не само за политичарите, туку и за бизнисмените, институциите на системот, медиумите, синдикатите, сѐ до најдолните-сервисните служби, куќните мајстори, семејните односи. Тотална деградација на довербата и самодовербата. Тие, пак, испреплетени со неморалот и непостоењето систем на вредности, изродија малограѓанштина, медиокритетство, примитивиза, тотална беда на духот, недоветност, лигавење и коленичење пред „горните“.
Проблем? Катастрофа! Лична и колективна. Срамен пораз на достоинството, свеста и совеста.
Ако мислите дека претерувам, свртете се околу себе, нурнете во себе, преиспитајте се себеси и по вертикала и по хоризонтала. А кој „тоа го направи“?
Оние што премолчуваат дека сите досегашни избори ги местеле, ги спроведувале крајно неферски и недемократски (помислувате ли што значи тоа; меѓу другото, дека и сегашнава и сите претходни власти биле нелегитимни!), ама конечно се „свестиле“, па следните редовни или вонредни решиле да „притиснат до даска“, да мора да се спроведат „кристално фер и демократски“; оние што досега нѐ транзитираа ептен „успешно“, па им преостанува уште да нѐ „европеизираат“ (а самите не ни почнале да се „транзитираат“ од корумпирани, криминални, „рекетарни“, без’рбетни полит-бизнис олигарси во успешни, умни, учени, способни, модерни политичари, бизнисмени, интелектуалци, творци); оние што со својата ништожност ништожат сѐ до што ќе се фатат, што урнисуваат сѐ што бар малку вредеше и вреди. Сите тие затоа што се безвредни, безлични, ни доблесни, ни чесни.
Време е ти, народецу наш простодушен и трпелив, конечно да ги прашаш дамите и господата за нешто. На пример: зарем не мислат оти им е дојдено времето да излезат пред тебе и да кажат што добро ти направиле и ти прават, а ти тоа не го гледаш и не го чувствуваш? Да ти докажат дека не е сѐ така црно, туку има и по нешто бело?
Ти, народецу наш простодушен и трпелив, на секој од нив што ќе се осмели да те праша „Како си?“, ти возврати му: „Зарем не ти е срам уште ваков пред мене да си?“
А сакате ли вие, дами и господа, малку помош од мене? Како совет од еден кој не се вика ни Трпе ни Трајче ни Спасе, а не се одзива на ниедно од вашите со кои си ги крстите своите:
Бидејќи довербата тешко се стекнува, а мошне лесно се губи, и бидејќи немате ни време ни сили допрва да ја стекнувате оти никогаш не сте ја ни имале за да ја изгубите, обидете се во наредниот период малку да не им излегувате пред очи на Трпевци, Трајчевци и Спасевци. Не за друго, ами оти толку им е стемнето што и оро да им заиграте на нивна свирка нема да ви се фатат. Ќе биде поарно за вас да се вардите да не ве фатат ако си го заиграат своето“.