Потребно време за читање: 3 минути

153. Во Јас книжевник и Јас сатирик

Поприлично сатиричен прилог објавен на мојот новинарски блог „Поента“:

Ступидарии

Ич не ми е јасно зошто толку нерасположба, песимизам, па и лутина, да не речам гнев кај македонскиот народ, пардон-мнозинската заедница во Република Македонија поради грчките стари, добро познати предлози за преименување на земјава кои буквално станааа предлози од типот „Земи или остави“.

Јас, лично и персонално, мислам дека тие треба да бидат сериозно и темелно разгледани. По што, можеби, некој од нив ќе стане обострано прифатлив. Не ми се верува дека Грците, уште кога ги дадоа како „најдобри“ односно „единствено прифатливи“, претходно добро, сестрано, причинско-последички не ги промислиле.

Одиме по ред:

Предлогот „Горна Македонија“ е без дилема најгеографски, како што веќе оценија некои наши видни, мислам видени и одамна слушани-слушнати и прочитани политичари и самонаречени експерти. Сличен, дури „посредно“ идентичен е и „Северна Македонија“.

Имено, нашава земја би можела да се прекрсти во „Горна Македонија“ доколку нам, на членовите на најмнозинската заедница, ни се дообјаснат некои „нешта“ непосредно поврзани со тоа име.

На пример, сѐ што е „горно“ подразбира дека постои и „долно“, а помеѓу нив „средно“. Логички, „Горна Македонија“ претпоставува дека веќе постои „Долна“ и „Средна“. Кои се тие? Лично јас досега не сум чул за нив. Којзнае, можеби во меѓувреме Грците ќе ја прекрстат својата „Северна Македонија“ во „Долна“, ама на која „Средна“ мислат ич не ми паѓа на ум. Пиринска Македонија никако не би можела да биде средна, пред сѐ поради географската местоположба, а и поради Бугарите кои нас Македонците нѐ признаа како „помлади браќа“ (дали по мајка или по татко сѐ уште не е познато; како што не е јасно зошто се заборавени Македонките како „помлади сестри“ и сите други „роднини“ од второ, трето итн. колено). А да не мислат сегашнава Македонија претходно да се подели (со помош на „олеснители“ на процесот) на два дела, со што би се добила „Средна“? Но, тогаш што да се прави со уставноста на земјата? Оти со таквата, и каква било друга поделба, наместо република сама по себе се наметнува конфедерација.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Предлогот „Нова Македонија“ исто така не е за моментно отфрлање, туку треба добро да го промислиме.

Имено, името „Нова Македонија“ претпоставува дека постои „Стара“. Која е таа? Велам постои, а не постоела. Бидејќи, логички, секое и сешто ново се раѓа од нешто старо. Се разбира, го имам предвид континуитетот, ама не само тој. Ќе може да се каже дека постоела откако ќе се востанови односно основоположи, измисли, најде, пронајде нова. Дотогаш, логички, постои „стара“. Тогаш, на која „стара“ се мисли или би се мислело отпосле, откако би се завршило со прекрстувањето? На БЈРМ, на ДРМ, НРМ, СРМ или на Античка Македонија? Во овој контекст е мошне важна географската просторност. Конкретно: ако „Нова Македонија“ се прогласи во границите на сегашнава Македонија, тогаш во кои граници во иднина би се третирала „Стара Македонија“? Се разбира, ја имам предвид препораката на „мудрите“ евро-политичари да го оставиме минатото и „комплет“ да се свртиме кон иднината. Ама што да се прави со континуитетот на нашава државичка, особено ако се има предвид дека се инсистира на нејзино прекрстување, а не измислување нова?

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

И третиот предлог „Република Македонија-Скопје“ е интересен, близок до блиската иднина. Но, за разлика од претходните два, јас лично овој малку би го корегирал: „Конфедерација Скопје-Македонија“. Еве зошто:

Според трендот на развојот на внатрешните мнозинско-немнозински односи и релации, кој може да се сублимира во ступидната мудрост „Некои прашања не заслужуваат одговор“, Република Македонија во моментов е локално-самоуправна односно „речиси“ конфедерална. Потенцирам, не мислам на бинационална или билингвална, за што не верувам дека кога ќе се постигне тоа (многу скоро, да не речам утре), на тоа и ќе се остане. Во тој контекст, сѐ ми се чини дека на Скопје не му гине конфедерализмот во сегашните локално-самоуправни граници.

А што би бил односно каде би бил вториот дел од називот-Македонија? Едноставно нели, тоа би бил сегашниот плоштад „Македонија“ со блиската околина, поточно општина „Центар“. Значи, доколку со припомош на стап или морков се дојде до овој од мене малку корегиран назив на нашава земја како конечен, претходно, а тоа значи под итно би морало најнапред да се направат две нешта: преименување на сегашната општина „Центар“ во „Македонија“, како главен центар на Конфедерално Скопје (споредните штотуку се раѓаат или се веќе родени), и макар наврат-нанос да се организираат предвремени претседателски, потоа и парламентарни избори. Меѓу другото, за да не се најде ни крив ни должен во незгодна положба сегашниот градоначалник на Скопје-автоматски да стане претседател на новата држава. Ниту привремено.

Прочитај и за ... >>  БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Мене лично не ме мачат, не ме беспокојат, не ме нервираат ново-старите предлози за прекрстување на нашава државичка како предуслов за нејзин натамошен опстој во ЕУ и НАТО светот (другите автоматски отпаѓаат бидејќи ние, нели, немаме „друга алтернатива“). Ме става во дилема едно прашање:

Со оглед на фактот дека од историјата е познато оти народ и нација (а не, на пример, владејачка „структура“) формираат и создаваат-градат држава, кој народ односно нација живее сега во Македонија, а кој ќе живее во „Северна Македонија“, „Нова Македонија“ или „Република Македонија-Скопје“ одосно „Република Скопје-Македонија“?

Дилема ми прави и следново:

Кога е толку важно и интересовно за сите наши соседи да (не) се биде Македонец, поради што, очигледно, просто ни љубоморат, па не ни дозволуваат и во иднина така да се викаме, зошто сите наши (добро)соседи не се прекрстат во Македонци?

Лично мислам дека никој од нас Македонците не би имал ништо против.

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here