8. За кого
За кого толку создадено и создавано од мене, не поттикнато од никого, а за мене никогаш доволно? Ниту поттик, ниту догледна, досознаена цел кон која би продолжил. Просто напросто немам причина да запрам, да престанам.
Дали некој ќе помисли дека толку ми било, дека веќе немам сили? Па што?! Ете, ја потрошив сета своја творечка енергија, немам инспирација, идеја, испразнет сум, исцрпен, обессилен. Дека создавањето ми станало бесмислено, особено затоа што со ништо не ми возвратило досега? Добро, ама…не ќе е баш!
Можам ли да кажам, да решам: доста е, повеќе не?
Прво одговор: не можам и да сакам! Не можам зашто не сакам! Не сакам зашто не можам!
Најнапред: тоа не е од мене; не е како нешто секојдневно, нешто рутинско; што самиот сум си го наметнал како дневна, ноќна, постојана обврска. На пример, поради задоволување на некоја насушна, животна потреба? Којзнае!…Велам, од Бога е? Не го велам тоа…
Не знам, но попрво мислам дека ќе да е многу повеќе она во човекот што обично го нарекуваме творечка енергија. Да, таа е што не може да се осознае и дефинира. Секако е дел од друг, внатрешен, личен свет кој е во непосредна или корелативна врска со надворешниот, со стварноста. Едновремено омеѓен, едновремено со свое писмо, знаци и молк.
Не можам да решам: доста е, нема повеќе! Просто напросто зашто малку било волево во сѐ досегашно од мене. Најмногу, пак, како доказ на сопствено препознавање, идентитет и личен интегритет.
Она што постојано го велам, го нагласувам:
Да, делото-тоа сум јас!
Всушност, можам да решам за некое време, како што досега сум решавал многупати. Ама тоа не е, ниту може да биде откажување, престанување, замолчување, неделотворност. Можеби само воздишка помеѓу два умора, можеби време помеѓу два сомнежа, два немира, две непознаници. И тоа буквално, не алегорично, метафорично, метонимиско, симболичко…
Конечно: многу ли создадено и создавано од мене? Не знам, ама и ова не знам: што е многу, а што малку?
Познавам, познаваш, сигурно заедно познаваме големи луѓе во историјата на човековата цивилизација кои создале недоброј, дури непознат или недоволно познат број дела, а од кои малку останале трајни, безвремени и безмерни. Не десетици, стотина…Се сеќаваш на оној веќе сосема заборавен од сите кој изнапишал над сто и осумдесест тетратки, а го забележал еден голем писател во еден свој роман?…Да, да, мислам на него…
Познавам, познаваш, сигурно заедно познаваме големи луѓе со малку дела, дури со само едно, а кои се неодминливи, веќе станале меѓници во строежот, развојот, напредокот, перспективноста…
Да, и луѓе со многу или малку значајно, вредно, дури ништо бележито од создаденото. Кои во свое време знаечеле нешто, биле ценети, почитувани, угледни, влијателни; тие и нивните дела во заборав со крајот на овоземниот живот. Сеедно заслужено или не.
Според мене, единствено важно:
Не многу или малку, безначајно колку, туку постојано, непрестано, контиунирано, никогаш доволно, секогаш уште. Сѐ до последен издив. Притоа вооошто не помислувајќи, а камо ли размислувајќи дали нешто ќе остане по тебе, зад тебе. Вреднувано, превреднувано, непорекливо, несоборливо, неодминливо; запаметено, постојано обновувано во незаборав. Или, пак, заборавно, несвесно вградено во некое ново како ука, сознаено, затврдено.
Белки сум создал, ако не белки ќе создадам макар едно дело на кое минливоста на времето ништо не ќе му може. Макар само како трага, како именувана точка во творечкиот универзум. Тоа е премногу? Не знам…Можеби…Веројатно…Сигурно!
Според мене, исто така единствено важно, ма најважно:
Создадов, создавам и ќе продолжам со создавање дела не за кого било, сеедно познат или непознат, именуван или неименуван. Отсекогаш, секогаш и засекогаш само за мислечка, креативна и доблесна личност!