БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 3 минути

29. Јас книжевник за автентичноста на песната
(Нафрлоци за есеј)

Во суштина, автентичноста значи единственост, неповторливост, самостојност и самосвојност, а во себе ги содржи неколку синонимни назнаки: вистинитост, изворност, веродостојност. Треба да се имаат предвид ставовите дека и копијата и „копијата на копијата“ не им се спротивставуваат на автентичноста, туку ја дефинираат инсистирајќи таа да не се изедначува со оригиналноста.

Американскиот режисер Џим Џармуш (Jim Jarmusch) рекол:

„Присвојувај туѓи идеи, копирај туѓи дела, земи од што било што одекнува со инспирација или ѝ дава здив на фантазијата. Голтај стари филмови, нови филмови, музика, слики, фотографии, песни, соништа, случајни разговори, архитектура, мостови, улични знаци, дрвја, облаци, форми на вода, светлини и сенки. Избери ги само оние работи кои ја допираат твојата душа. Ако го сториш тоа, твоето дело (и плагијат) ќе биде автентично. Автентичноста е непроценливо драгоцена, оригиналноста не постои. И не се труди да го криеш своето плагијаторство-величај го тоа ако треба. Во секој случај, секогаш запомни го она што го рекол Жан-Лик Годар: „Нема врска од каде земаш нешто-туку каде тоа ќе го доведеш““.

Грешам ако речам дека секоја песна е автентична? Не, никако! И „првата“ односно „оригиналната“, но и сите по неа што следат од неа.

Да повторам, најнапред секоја песна е единствена, неповторлива, а потоа како изворна, првосоздадена, веродостојна. Исто сите по неа што следат од неа. Еднакво како нејзиното продолжение, траење, со генеричкиот темел или сушноста.

Да „детализирам“ со две „блиски нешта“ кои само првично се спротивставени меѓусебно: истоста и посебноста.

Истоста се изедначува со заедничкото, а како стремеж, многу повеќе притаен или изразен страв да не се биде поинаков, посебен, поради што би можело да има какви било, макар најмали последици. Во таква „состојба“ само по себе се наметнува негувањето на сопствената автентичност, едновремено почитувајќи туѓа. Без оглед дали ни се допаѓа или не, дали ни е необична или не, дали ни е прифатлива или не е.

Посебноста, пак, која неретко ја изедначуваме со уникатноста, мора да се негува и да се истакнува, да се наметнува, да се брани. Сеедно дали како потврдена, докажана, афирмирана или е сѐ уште само желба односно потреба.

Автентичноста на песната е неразделно врзана за создавањето како творечка состојба и опстојба. За создавањето, не за создаденото. Во тој контекст, не е точно дека поетот цел живот создава само една песна. Точно е: создава едно пеење, со многу песни. Па и тоа-пеењето се развива постапно, може дури низ различни фази на растеж, созревање, докажување, извишување. Тоа-пеењето завршува со смртта на творецот/создателот или со негов замолк. Тогаш престанува создавањето и оттогаш е сѐ создадено.

Една песна стои сама, самотна, изложена на времето и неговите промени, очекувани, предвидени или ненадејни, но и на времето на нејзиниот творец. И тогаш е исто така сама, самотна, а изложена на неговото создавање, на предизвикот дека секогаш во песната, како во сѐ друго, сѐ може и/или повеќе и/или поинаку.

Најпрво: изложена на продолжение, поточно на ново од неа, во неа и по неа, сеедно колку потоа ќе остане блиска или далечна. Може да е само за поттик, со иста мисла, од иста доживелица, од ист мотив, во само еден многузначен збор, во само една поетска реч. Како потврда на поетски свет, поетска природа и поетски систем. Препознатлива, единствена, неповторлива поетика.

Респектабилно е и тврдењето дека автентичноста не значи да се биде различен од други, туку да се биде свој. Што се изедначува со искреноста спрема себеси и спрема други, со познавањето на себеси, а е само потврда на мој често повторуван исказ за суштината на создавањето и создаденото.

Кога е збор за автентичноста на и во песната, треба да се има предвид дека таа во себе ја содржи вистинитоста. Неретко вистинитоста е нејзин врв, конечна достигната цел, конечна исполнетост. Заедно, пак, не напоредно (како целина, како заокруженост, во дефинитивна форма и затврдена содржина) ги вградуваат во нераскинлива целина моментот на сетилното и моментот на умното.

Мошне значајна за автентичната песна е нејзината (ко)релација со интертекстуалноста.

Leave the first comment