158. Па што?
На социјалните мрежи Фејсбук и Твитер го објавив овој проблесок во мислата:
Најпоразително и најрамнодушно прашање:
Па што?
Не е личен-не се однесува на мене, но и е-се однесува!
Конкретно:
За моето книжевно творештво немам добиено никакво книжевно или општествено признание, мошне е веројатно дека нема ни да добијам до крајот на животот, а како пензиониран новинар одвај се „изборив“ за пензија колку за старечко живуркање. Истово важи и за повеќе од 40 години професионално новинарство. Па што?
Моите книжевни и новинарски дела се илјадници на број. Па што?
Продолжувам да создавам и објавувам за многумина незамисливо интензивно, секојдневно, деноноќно. Се надевам до последен издив. Па што?
Можам уште да приведувам за „Па што?“, а приведов само лични „нешта“ имајќи ја предвид спецификата на делово. Значи, ги изоставувам навремените, секојдневни статуси-реагирања, коментари, промислувања и ставови за секаквите состојби, проблеми, прашања и дилеми животни-естетски, филозофски, општествени, социјални, политички, економски, творечки…на социјални мрежи, на блогот „Поента“, на веб страници на Интернет.
Најпоразително и најрамнодушно прашање: Па што? Да, е! Па што?