БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

46. Промислено од Јас обичен смртик:
Кога народот прашува и кога се прашува

Станува збор за прашање од извонредно значење за севкупните демократски процеси во секоја земја, без оглед на општествениот поредок. Во историскиот развој на човековата цивилизација, од формирањето на нациите и државите до денес, за владеачите во име на народот (демос) тоа секогаш било поврзано со пресудни, пресвртни моменти, со радикални, револуционерни промени, со почеток или крај на едно-нечие владеење.

Дали нашите досегашни и сегашната власт, дали владеењето со земјава е „дојдено“ до таков пресуден, пресвртен момент?

Кога народот прашува, додека прашува, тоа значи дека е активен, дека бара решенија и учествува во решавањето на проблемите, во подорбувањето на состојбите. Тој прашува и очекува одговор, инсистира на него. Притоа, колку повеќе прашува-ја прашува власта, толку повеќе има за прашување. Значи, бара одговори и решенија што, пак, е показ и доказ на развојот на слободата, на демократијата воопшто.

Со други зборови, јавноста е во темелот на севкупното живеење, работење и дејствување. За недемократската, тоталитарната власт колку повеќе прашува, тој-народот е повеќе проблематичен, опасен и сенешто презема за што помалку да биде прашувана. Што се случува по преземеното? Тоа што вообичаено, редовно се случувало, се случува и секогаш ќе се случува: доаѓа период кога поради притисокот (демократски) или репресалиите (тоталитаритички) народот замолчува, престанува да прашува, станува рамнодушен, апатичен. А всушност почнува да се прашува.

Кога народот се прашува, додека се прашува, тоа значи дека се подготвува за активност, за моментот кога работите ќе ги земе во свои раце (и тоа буквално). Дали со демократски средства (избори) или со недемократски (флоскулата „улична демократија“), сеедно. А што е можеби уште поважно, прашувајќи се тој всушност го мери и премерува вистинскиот момент за тоа.

Притоа, секоја свесна власт веднаш реагира, презема нешто за одново да го поттикне, па и натера (се разбира, никако не со сила) народот со кој владее одново да почне да прашува. Затоа што кога народот се прашува, тоа значи дека таа- власта ја нема неговата доверба, не ја поддржува. Тој е против неа, па нејзиниот брз и тежок пораз е неминовен. Кога народот се прашува, тоа значи дека бара други за прашување, а од кои ќе добива одговори.

Позната е анегдотата за еден стар и мудар политичар, член на една царска власт од „царските“ времиња. Тој постојано ги прашувал своите „теренски“ агенти што прави народот. Бил задоволен, велел: „Добро е, значи нема проблеми“, кога ќе му реферирале дека тој зборува односно прашува (дури и „премногу“). А станувал многу загрижен, па и исплашен кога ќе го информирале дека „неговиот“ народ молчи односно „чудно“ замолчел, па велел: „Значи, станува опасно“.

Дали нашиов народ денес прашува или се прашува?

Прашањево им го упатувам на оние од власта, но еднакво и на оние во опозиција. Добро би било да подразмислат и да си одговорат пред нивните нови „активности“.

Leave the first comment