БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 3 минути

56. Книжевниот текст на Интернет
(Мал есеј)

Несомнено е дека Интернетот предизвика длабоки, тектонски поместувања на тлото на книжевноста. И во светот и кај нас. Само што кај нас (Македонија) особено на „постарите кругови“ тоа не им одговара, воопшшто не им „годи“. Дури се прават наглуви, неми и слепи. Ова се однесува еднакво на книжевното творештво и на издаваштвото.

За творештвото (само нафрлувам, „од прва рака“):

Колку е познато дека во светот има тренд кој се шири со неверојатна брзина: пишување книга на мобилен телефон-како нов книжевен жанр? Дека помеѓу бестселерите на јапонската книжевност во самиот врв се наоѓаат и романи кои првобитно се напишани на мобилен телефон?

Тоа воопшто не е ново. Имено, зачетник на овој нов книжевен жанр е момче со псевдоним Yoshi, кој уште во (далечната) 2000. година ја пласира својата книга „Deep Love“. Својот првенец го ширел со „помош“ на e-mail и MMS пораки затоа што во тоа време на Интернет не постоело адекватно место за објава на така напишаното дело.

Станува збор за романи кои се всушност нарации пишувани во продолженија, така што цел еден дел (поглавје) да се „собере“ на екранот на уредот. Секој дел во просек има 50-70 зборови, доволно за една MMS порака. Кратките и едноставни дијалози се менуваат брзо, а што им дава посебна динамика.

Наместо да се појавуваат во печатена форма, романите обично се испраќаат директно на читателот (на e-mail или SMS) или преку претплата на веб сајт.

Наведениот роман постигнал толку голема популарност што бил отпечатен, а потоа и екранизиран.

Во 2012. година во Србија беше објавен првиот Интернет роман (во издание на „Domino magazin“). Станува збор за романот на Никола Синѓелиќ „Искрени исповеди на арт директорот“. Тој можеше да се чита во продолженија на сајтот секој ден. Подоцна сајтот-магазинот го отпечати-го издаде во печатен формат (книга) и им го подари (бесплатно) на своите читатели-посетители.

А дали сте чуле-прочитале за дигитален реализам?

Се појави во Србија, наречен е така од авторите на првите „такви“ книги И. Маројевиќ, А. Илиќ, М. Браковиќ и Д. Недељковиќ.

Во два-три збора: тоа е книжевност која го уважува Интернетот, користењето на сѐ што нуди тој, како „незазобиколно прозно ткиво“.

Во српскиот јазик и книжевноста „статусот“ е воведен како официјална, независна книжевна форма во 2011/2012. година („статуси“ на Фејсбук, Твитер и Интернет генерално). Српската академија на науките и уметностите ја поздрави одлуката на „Матица српска“ со порака дека беше крајно време да се официјализира популарната форма на народни умотворби. Бидејќи „Фејсбук статусите не се ништо друго, туку народни умотворби кои исто така вреди да се чуваат како наследство на овој народ за идните генерации. Наш предлог беше дури во Букварот за прво одделение да се стават една до друга фотографии на Вук Караџиќ и Марк Цукерберг, основачот на Фејсбук. Обајцата направија доста на ширењето на автентичната мудрост на обичниот народ, секој во свое време“, изјави генералниот секретар на САНУ, Димитрие Стефановиќ.

Очигледно е дека Интернетот стана нов облик на појавност на книжевноста кој треба да се прифати и респектира. Од тоа дека книжевниот текст на него не може да се посматра изолирано, туку во неговиот директен меѓумрежен контекст, со други зборови да се занимава со хипертекстот односно со сѐ она што го опкружува текстот и со што е тој поврзан.

Веќе е согледано и потврдено значењето на книжевноста на Интернет како еден од придвижувачите на движењето на мултикултурноста и глобализациските трендови.

Кај книжевноста на Интернет не се работи за класична интермедијалност затоа што медиумот на книгата, иако е преземен, содржински останува непроменет. Глобалната мрежа не го менува делото, таа само го репродуцира и надополнува. Значи, книжевноста пронашла нов облик на својата појавност.

Интересно промислување на Гордана Ткалец во нејзиниот есеј „Во хипермаркетот на хипертекстот: книжевниот текст на Интернет“:

„За навистина меѓумрежјето да стане придвижувач на книжевноста, моментно е потребно да се исполнат два услова, односно да се урнат две ментални бариери. Првата се однесува на стручните книжевни критичари, теоретичари и научници кои нужно мораат да почнат да се користат со Интернет за да го подигнат нивото на меѓумрежното занимавање со книжевност и сѐ што пишуваат веднаш да го објавуваат на Интернет. Втората се однесува на севкупната интернетска книжевна публика која мора да престане да биде обичен конзумент, односно читател, туку мора да се создаде култура на интернетска интеракција за навистина да се искористат можностите на тој медиум. Таквата култура на межумрежната интеракција би се однесувала на активно учество на секој конзумент кој на секоја информација, прочитано дело, критика или блог ќе му даде сопствен коментар. Зашто Интернет навистина не е медиум кој поднесува срамежливост“.

Leave the first comment