58. Ма каква генерациска припадност?!
Генерациската припадност во книжевноста е само будалаштина на критичарите и теоретичарите кои не знаат како поинаку да „обопштат“, да „групираат“ според „блсикоста“ на годините на раѓање или некои „заеднички“ специфики односно заложби во нивното творештво.
Сакам јасно, гласно и отсечно да се изјаснам:
Јас не припаѓам на ниедна генерација!
Конкретно:
Повеќето од оние, да не речам сите што инцидентно, најнапред според лични потреби се занимаваат со критика, а особено со поновата историја на македонската книжевност, кога едноставно не можат да ме премолчат, да ме „одминат“, само нотираат, како низ заби кажуваат дека јас, според нив минорен, безначаен поет ѝ припаѓам на „тн. четврта поетска генерација“. Некои не го спомнуваат ниту тоа, сметајќи дека времето веќе ме „избришало“.
А вистината е само дека во јануари 1972. година, поточно кон крајот на 1971. јас (на 20. години) и Ристо Лазаров со свои дебитантски дела-стихозбирки (јас со „Куќа што молчи“, а тој со „Ноќна птица во паркот“) најавивме една група на автори која претходно беше веќе мошне активна во книжевната периодика. Јас ненадејно, неочекувано ги „претекнав“ со книга, благодарение на конкурс за дебитантско остварување на кој мој ракопис избра и го промовира (максимално се заложи за него-не само со воведна белешка-рецензија кон изданието) реномираниот македонски писател-поет, прозаист, критичар, есеист, теоретичар на книжевноста, академик Влада Урошевиќ. Тоа е сѐ!
Повторувам, нагласувам:
Јас со „тн. четврта македонска книжевна генерација“ немам апсолутно ништо заедничко!
Како своевидна „потврда“ е можеби важно да го наспомнам следново: заедно со Милош Линдро и Данило Коцевски („главен“ во формулирањето и теоретската елаборација на ставовите), автор сум на поетскиот манифест „На чекор од говорот“. (Поетот Глигор Стојковски се „повлече“ пред тој да биде објавен во списанието „Разгледи“, а не ми е познато колкав е неговиот придонес.) Според „признание“ на М. Линдро (и други), токму мојата поезија е „основа“ на заложбите во него.
Никогаш не сум бил „ептен близок“ со ниеден од спомнатата „генерација“, иако лично сум правел многу „доброволни“ обиди за тоа-конкретно помагање во животни ситуации, поддршка, споделување и решавање на проблеми итн.
Немам „близок контакт“ со ниеден од нив (неколцина ми се пријатели на социјалната мрежа Facebook) , а веројатно повеќето не ни знаат дека сум жив и „книжевно“ мошне активен (секојдневно нови поетски, прозни, сатирични дела…на Интернет).
Признавам, воопшто не го следам нивното творештво (порано пишував интензивно критички прикази на нивни дела, а сега одвреме-навреме читам и критички валоризирам понешто од чисто љубопитство). Како што тие не го следат моето оти одамна (некои „од почеток“) не го признаваат, го премолчуваат, не сметаат дека заслужува макар миг од нивното „авторитетно“ внимание.
Впрочем, што е тоа важно? Освен-колку да се знае!
Единствено што ми е важно во овие преостанати денови, месеци или години е колку може повеќе од започнатото, скицираното, од веќе објавеното и пресоздаваното да го досоздадам. Без оглед дали нешто ќе предизвика продолжение во или од други.