59. Деца и родители
Имам прашање за родителите на повеќе деца:
Дали вам сите деца ви се исти, ги сакате исто, еднакво се однесувате спрема сите, еднакво ги прифаќате и ги признавате?
Никој нека не се обидува да ми одговори. Секој нека си одговори искрено, нека си признае чесно.
На пример, ако имате три, и тоа најстарото ќерка, па по неа постар и помлад син, на ниедно не му посветувате/не сте му посветиле поголемо внимание во одгледувањето и образувањето? Според ништо и во ништо не ги изделувате, разделувате, на ниедно не му давате некаква, макар најмала предност? Зарем ги изедначувате нивните различности (карактерот, темпераментот, интересот, талентот)?
Не мислам дека е тешко да се одговори на прашањево и прашањава што произлегуваат од него. Напротив, доволно е личното искуство. A ако се нема тоа, може да помогне искуството (стварноста или спомените) на ближни, пријатели и познајници. Тоа е секако различно, но има и заеднички „моменти“ или „елементи“. Притоа, молам да се има предвид дека ја немам предвид возраста на децата, ниту времето на заедништвото (не само заедничкото живеење).
Јас сум второ од трите деца на моите родители, и тоа точно како примерот: сестра ми Слободанка, почината, постара од мене две, а разликата во годините со брат ми Драган, починат, пет години. Бевме еднакви како деца и возрасни?
Само ќе речам дека моите родители беа родители. Семејството им беше пред сè и над сѐ.