БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: 2 минути

160. Минливоста

Признавам, јас и како Јас книжевник и како Јас обичен смртник сè почесто се навраќам на минливоста. Не знам дали и други, и други на мои стари и долги години знаат зошто, но јас (си) знам: затоа што сум сè повеќе осамен во моето време. Не во заедничкото, во споделеното со ближни, пријатели и познајници, туку во само моето кое е сè подолго, сè побавно и едновремено сè повеќе еднолично; сè повеќе со секојдневни повторливи ритуали и сè понепотребно.

Се навраќам на минливоста не толку како дел од минатото и сегашноста, колку како суштествена за Заборавот. Сметам дека тој-Заборавот (намерно и мислам разбирливо со почетна голема буква), не како болештина, како што се деменцијата, почетниот стадиум на Алцхајмерова болест или сенилноста, е мошне комплексен. Да, заедно со свесноста за него и намерноста.

Како книжевник, и на некои страници на ова мое дело и во други поетски и прозни, често и во мои проблесоци во мислата и статуси на социјалната мрежа Фејсбук (Facebook), минливоста сама по себе ми се наметнува како една од „дежурните“ теми. На пример, овој статус (инаку мошне важен за моето творештво):

Стварно ми е интересна мојава творечка игра:
Создавам книжевни дела и едновремено ги објавувам на Интернет.
Кој чита, може ги прочитал или ќе ги прочита.
По извесно време ги фрлам во Заборав и продолжувам да создавам нови.
Да, оваа моја творечка игра исто како минливоста е суштествена за Заборавот. Неа ја изедначувам со горењето, уништувањето или исчезнувањето (во „случајов“ синоними), и со тоа ја нагласувам неговата последичност.

Токму статусов за творечката игра (може и во наводници, но не мора) наполно ја искажува наспоредната минлиовст на личното физичко и колективното духовно постоење. Тоа значи моја негација на трајноста и вонвременоста на вредното дело? Имало или има такво? Овојпат нема да полемизирам со решителен одговор „Да“. Ќе го прифатам, но со две прашања:

1. Кој ја утврдува и како се докажува трајноста и вонвременоста на вредноста?

2. Може ли да се замисли колку во минатото, дури од вчера до денес се „спасени“ дела од исчезнување односно од „канџите“ на Заборавот?

Поради „Да“ и прашањава мојава творечка игра ми е „интересна“.

Како обичен смртник, пак, минливоста ја прифаќам како неминовност, како дел од животот од раѓање до смрт. Не ми значи ништо и воопшто не ме засега. Меѓутоа, има две „нешта“ важни во врска со неа, особено за постојаноста и континуитетот на индивидуалниот и колективниот опстој. Спротивни се, а неретко и спротивставени на неа: трагата и вкоренувањето.

Оставам каква било трага како човек? Секако! А сум се вкоренил или сè уште се вкоренувам, сè подлабоко и подлабоко во опстојот на рожбата и родот, во животот? Да, сум вкоренет, се вкоренувам и ќе се вкоренувам додека сум жив. Каде и да сум.

Само со трага и вкоренување има зошто да се живее.

Leave the first comment