63. Подбишега
Некој си тера подбишега со мене (ако, не се лутам):
Во книжевните кругови (нашите, но и „пошироките“) моето творештво буквално секој ден „присутно“ на Интернет-на социјалната мрежа „Фејсбук“-поезија, проза, проблесоци во мислата, афоризми… е „топ тема“?!
Не верувам! Некој си тера подбишега со мене затоа што:
Прво, јас не припаѓам на ниеден книжевен круг! Знам дека ги има и се „прилично“ затворени, ама не знам ни кои се, ни колку се. Не сум се ни обидел да влезам во некој, не ми ни паѓа на памет. Од некои ми порачале и ми порачуваат одвреме-навреме дека не сум баш „пожелен“ зашто, наводно ме знаат, познат сум им како „незгоден“. (На пример, во откривање и обелоденување на разни местенки за издавање на дела, доделување награди и „слично“).
Следствено, книжевните кругови немаат апсолутно никаков интерес да ги читаат, да ги следат моите дела-моите објави, а уште помалку тие да им бидат „топ тема“. Уште ако се додаде непризнателноста, премолчувањето, игнорирањето на секого што не е „нивен“, како и чувството на лична загрозеност од мене односно инфериорноста…
Второ, добро знам дека објавите на Интернет-на Фејсбук во книжевните кругови воопшто не се сметаат за „релевантни“, туку напротив дури ги исмејуваат. Нешто „сосема друго“ е објавата во книжевно списание и/или како книга (печатен формат). Лично, во прилично дамнешно време (пред повеќе од три децении) мошне интензивно објавував поезија, „малку“ куси раскази-ескизи и критички фрагменти во водечки литературни списанија. Бев соработник и во емисија на МРТВ посветена на книгата односно тековната издавачка дејност-се викаше „Нова книга“ (дури ја уредував и водев година и пол).
Бидејќи го мислам сосема спротивното, имено дека денес книжевните списанија кај нас воопшто не се „релевантни“ (мислам пред сѐ со „завидна“ читателска публика односно влијателни), ни на два ума не сум да побарам или да прифатам понуда да објавам „нешто“ во некое од нив.
Трето, што се однесува на моите дела, тие не може да се „топ тема“ од прости, „банални“ причини: оние во книжевните кругови „немаат време“ да следат/читаат на Интернет или на „некоја си“ социјална мрежа, а нивното објавување како книги во печатен формат сѐ уште не е ниту на „повидок“. Големо прашање е дали воопшто ќе се издадат додека сум жив (веќе сум во години и со кревко здравје, па не се знае до кога).
И четврто, нешто најконкретно: каква „топ тема“ кога, на пример, уште не сум прочитал ниту „ретче“ од нашите „еминентни“ критичарски пера за поетската книга „Безбели, на небо ветер фрла длабок здив“, што ја објавив како самиздат (јас издавач, со сопствени средства) во 15 примероци? Сѐ уште не им „паднала“ в раце? Можеби, можеби…Ја објавив како самиздат и првата со проблесоци во мислата“, со 1.000 промисли-домисли, согледби-стојалишта, умности-премудрости, во 50 примероци, но таа е „нешто друго“.
За сите како јас-со официјална писателска страница, профил-„времеплов“, фан страници на мои одделни дела и страници на неколку „групи“:
Објавувам за докажување на вредноста на создаденото од мене? Не! Ако со годиниве и континуираното петдецениско творештво не сум ја докажал, допрва ли?
За лична и творечка сатисфакција? Не! Каква сатисфакција во скромна пензионерска живеачка, целосна повлеченост од јавниот живот, јавна непризнателност и премолченост?
Па добро, тогаш зошто го објавувам моето творештво на Интернет и на најголемата социјална мрежа на светот-Facebook, едновремено со континуитетот на создавањето, со толку голем и секидневен интензитет? За лајкови/допаѓања и куси оценки, коментари, споделувања? Не!
Едноставно:
Затоа што сум слободен, творечки расположен, со творечка самосвест и индивидуалност. Затоа што ми претставува задоволство моето творештво постојано, секојдневно да го изложувам на судот на јавноста.
Ама…има ли „топ теми“ во македонските книжевни кругови?
Има, има…за подбишега.