БИОГРАФИЈА-БЕЛЕШКИ НА ЕДЕН КНИЖЕВНИК И ОБИЧЕН СМРТНИК МЕЃУВРЕМЕНО

Потребно време за читање: < 1 минута

69. Признание на создаденото

-Не ми значи којзнае што создаденото. Ми значи да е создадено, значи завршено ако до крајот на животот не се навратам на него, ако не го досоздавам-му додавам, му одземам, го надградувам, го пресоздавам. Во годиниве на неизбежно губење на снагата и здравјето најважно од сѐ ми е создавањето. Кога би создавал до последен издив…

-А признавањето на создаденото? А критичката валоризација?

-Ниту ми се важни, ниту потребни. Од никого.

По некое време на замисленост пријателот заклучува:

-Сепак, не може така. Секој творец постојано се преиспитува, се докажува едновремено менувајќи се. Се разбира, самосвеста е најголем двигател на креативниот дух, ама во животот, во сѐ е важно вреднувањето. Наспоредно со споредувањето.

Јас книжевник:

-Тоа за творецот ти е сосем наместо и имено го нагласувам. Постојаното преиспитување и докажување едновремено менувајќи се е суштествено за создавањето. Јас не ги негирам вреднувањето и признавањето. Напротив. Само велам дека не ми се важни, ниту потребни. Наспроти отвореното дело…

-Остави го сега тоа. И јас го делам ставот на Умберто Еко за совршеноста на делото и неговото толкување на безброј различни начини. Мене ми е тоа некако противречно кога ја имам предвид континуираната и мошне интензивна објава на твоето тековно творештво на Интернет.

-Зошто противречно? Со тоа само сакам да докажам дека сум сѐ уште жив и создавам.

Ја продолжуваме заедничката прошетка по кејот молчешкум и насмеани.

Leave the first comment