169. Дејствие
Јас книжевник и Јас обичен смртник на брег на река пред залез на сонце. Во разговор за биографскиов бележник.
Јас обичен смртник:
-Не може вака, човеку! Ај за мене и кога си со мене може уште. Ама за тебе и со тебе…Треба дејствие.
Јас книжевник:
-Какво дејствие?! Зошто дејствие? Зарем нема живот без особености, необичности, ненадејности? Не мислам на едноличен и неинтересен. Мислам на спокоен, без пресврти и драматичности.
Јас обичен смртник:
-Секако има, ама сепак…Мора дејствие!
Јас книжевник:
-Добро, прифаќам. Нека биде по твое. Значи, дејствие. Ама не сосем веродостојно, туку помеѓу стварно и заумно. Како што јас и ти не сме две лица во едно, поделени, двојна личност за психолшки третман, така и тоа од нас, за нас и помеѓу нас.
Јас обичен смртник нестрпливо:
-Почни. Слушам.
Јас книжевник воздивнувам длабоко, за миг се замислувам, па почнувам:
-Се собраа на зајдисонце незнајни луѓе пред нас и нè прашаа:
„Кој си ти?“.
Јас и Јас им одговоривме:
„Јас сум книжевник и обичен смртник. Јас сум обичен смртник“.
Тие:
„Се шегуваш со нас?! Тоа е невозможно! Никогаш немало и никаде нема и книжевник и обичен смртник како еден“.
Се обидовме да им објасниме:
„Може немало, може нема, ама ние Јас сме и едното и другото како еден. Јас сум непризнаен книжевник кој создава дела што ги читаат нам знајни и незнајни луѓе, сигурно и некои од вас. Од нив немам никаква материјална корист, а живуркам како обичен смртник, конкретно пензиониран новинар. Белки се согласувате дека книжевникот како секој друг творец не е и не треба да биде обичен смртник. Мислам на признаеност, почитание, величење, славење, незаборав“.
Истапи еден постар меѓу нив, со стап в раце со кој си ја крепеше снагата, со бујна црна брада, долга црна коса и големи мустаќи, и рече:
„Не си за верување, а и немаш право. Не изгледаш како двојна или поделена личност…Нема никаква врска меѓу признаен или непризнаен со смртник. Сите ние сме обични смртници, без оглед на животот што го живееме. Може да се прифати обичноста и необичноста со живуркањето и животот, но на творецот тоа не му значи и не треба да му значи ништо“.
Нè праша:
„ Зошто треба признавање на твоите дела? Од кого?“
Му одговорив Јас како книжевник:
„Не сме се разбрале. Не им треба признание на моите дела, туку на Јас како обичен смртник. Се разбира дека на творецот не му значи ништо животот или живуркањето, ама творењето, поточно творечката енергија мора да биде колку што е можно послободна, поослободена од секидневни егзистенцијални грижи. Да не се преокупира со нив, тие да не ѝ дотежнуваат, да не се троши залудно за нив. Баш зашто е творечка. А од кого признавање? Па од оние што се одговорни за животот на луѓето, на народот, што владеат со него. За неговата организација, непречено развивање, благотворен стремеж, за неговиот квалитет. Што треба да воспостават и спроведуваат доследно систем на вредности, а потоа да го бранат од медиокритети и постојано да го надградуваат“.
Постариот нè загледа, постоја неколку мига молчешкум, одмавна со десната рака како да ни вели „Батали!“, се сврте и тргна по свој пат. И луѓето почнаа да се разотидуваат.
Јас како обичен смртник:
-Добро, тоа е почеток и развој на дејствие. А кулминацијата? А пресвртот? А расплетот?
Јас како книжевник:
-Гледаш, сонцето веќе зајде и нема уште многу време за нас. Сега само уште ова. Како кулминација:
Грмеше, небото беше облачно и го параа секавици. Само што не почна да истура дожд кога Јас и Јас стасавме на Мостот на великите, од едниот до другиот брег на матна и надојдена река. Мраморните, бронзените и месинганите фигури на нам познати големи дејци во минатото и сегашноста, поставени на постаменти, на два-три метри одддалечени едни од други, ни се гледаа како стамени сенки на луѓе. Кога ќе блеснеше секавица нивните лица ни изгледаа како живи. До нас допираа секакви гласови и звуци, како на жив свет.
Блесна најсилна секавица и наеднаш оживеаја мраморните, бронзените и месинганите фигури на великите. Слегоа од постаментите и почнаа да чекорат, да се разминуваат, да разговараат и да се поздравуваат меѓусебно со весели насмевки. Едни почнаа да скокаат и да играат во тактот на музиката што ја свиреа други со виолини, труби, тапани, зурли, а други стоеја пред сликари што ги сликаа со молив и бои или пред скулптори што ги вајаа во дрво, камен, мрамор. Меѓу нив и глумци со маски и препознатливи лица. Еден со голем телескоп насочен кон облачното небо како да гледа ѕвезди, друг со микроскоп и стаклени епрувети в раце, трет фудбалер кој ја провираше топката меѓу нивните нозе. Една во долг црн фустан со тантели, црна шапка на глава, црни ракавици и ладало во десната рака им упатуваше милни насмевки на оние што ја загледуваа, друга свиреше занесно на харва, трета на флаута, четврта балерина на средината од мостот изведуваше пируета.
Пак блесна најсилна секавица и наеднаш оживеаните мраморни, бронзени и месингани фигури на великите на мостот пак си стоеја на своето место, на своите постаменти!
Нè обзеде некоја чудна рамнодушност и нè облеа некаква неразбирлива тага.
Тоа беше мигновен живот на велики обични смртници.