Безизразна слепота

Препев на пев и повев

Собрал очи од некое невреме
и ги вперил во безизразна слепота
доволно близу и доволно далеку
за да не може да достаса,
па и да престаса свој светол зрак.

Безизразната слепота,
згора молкната и безнадежна,
згора заскитана и беспатна,
како да се бори за последен пат
да го продолжи невремето;
а негов светол зрак да достаса,
па и да престаса мртви животи
со длабоки траги во паметење.

Секој што навлегол во просторот
меѓу собраните очи
почувствувал како да е зграпчен
од некаква безлична сила,
изделкана од мрамор во форми
безлични, незамисливи.

А навлегуваат во него постојано,
сè додека безизразната слепота,
доволно близу и доволно далеку,
не ги остави во мир собраните очи
да прогледаат совреме
за да ги препознаат конечно
длабоките траги на мртви животи
како на свои предци.  

Нужно е да се нагласи
дека безизразната слепота,
згора молкната и безнадежна,
згора заскитана и бескрвна,
забрзано премалува,
притоа обидувајќи се
да го продолжи невремето;
а светлиот зрак не е ни светол,
не е ни зрак,
туку е молскавица која
треба засекогаш да раздели
мртви животи и живи смрти,
вечно судрени.

Прочитај и за ... >>  ЕДНОСТИ IV, песни во еден стих (слушајќи говор и пој на птици), 11-15

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 30

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.