96. Ветер тивок, а студен
Никако не ми успева
да откријам да одгатнам
зошто овој тивок
а студен ветер
дува со денови и ноќи
најдолго откај нивјено
подготвено за нов род
тивок е а студен
како да внимава
да не ми ја разбуди
сенката што легнала
да почини
во мојата постела
од камења
струполени од врвот
на мојата чест и доблест
та нема ниту да разбере
дека никогаш повеќе
нема да ме има
го гледам тивок а студен
му ги мерам мислата
и зборот
дури ми влегува в коски
дури ми ја модрува крвта
колку ли се заедно
такви за мене
а на високион даб
спроти мене
од ден на ден
сѐ повеќе птици
големи и мали
и црни и сиви
долетуваат
та го облетуваат
сите во молк помеѓу себе
знам дека е овој
последен ветер
од сите страни тивок
а студен
во моиве коски што снага
веќе не ми држат
во мојава крв што модрува
а и на птицине
спроти мене
на високион даб
со којзнае колку века
во коренот