85. На минување
Ја догледав
па ја загледав
па најпосле
ја изнагледав
восхитен од
нејзината извишеност
до небо
од нејзините урнатини
во некое дамнешно време
на селидби и судби
од редени карпи
и од бел мрамор
извишена до небо
ме враќаше во спомени
како искри в срце
што мигум се палат
и гаснат
за да не ми отворат
некоја стара рана
во војна
помеѓу еден живот
и многу умирачки
на свои и најблиски
нејзините урнатини
ме тажеа и растажуваа
до немоќ
дека не можам
да ги достасам со ред
или барем да ги домислам
во неред
моите длабоки корени
та после сѐ што било
од мене
ќе биде само приказ дека
е лесно
да се гради а тешко
да се урива
куќа макар на минување
откако темелот
ќе ѝ се затврди
сетне видов еден зрак
ко од магла
да изронува среде
угасната љубов
на прагот на кој
се стоело долго
предолго во немост
и болка поради недоброј
разделини