БЕЗБЕЛИ, НА НЕБО ВЕТЕР ФРЛА ДЛАБОК ЗДИВ, стихозбирка

Потребно време за читање: < 1 минута

88. Бунарот в куќа

Мислевме одамна
пресушил
уште откога од куќата
излегол
последниот издив
на осамениот старец
што ја вардел сама жива
сосе сенки
среде трње и диви треви
од диви ветришта
гладни за крв и месо

се собравме во неа
случајни дојденци
и намерници
да видиме дали може
да се поткрепи
да не се урне уште
некое време
барем дури си ги одмориме
коските
дури да одгатнеме нешто
од напишаното
и нацртаното
на нејзините ѕидови
како поука или опомена

бунарот беше на средината
од одајата
со изгаснато огниште
веројатно ископан поради
најдена вода
при нејзиното втемелување

во неговата длабока темнина
фрливме камен
што го откорнавме од прагот

се изненадивме кога чувме
екот
од ударот во вода

не го затрупавме
туку го оставивме
жив да остане откако
ќе падне куќата
како последна
среде трње и диви треви
дека со ништо не може
да се поткрепи

можеби некогаш некој
случаен дојденец
или намерник
ќе стаса жеден до него

Leave the first comment