Потребно време за читање: < 1 минута

81. Намислувам

Како ми доаѓаш рано
в зори
од последен камен
под моиве коски
и под последно дрво
во мојава градина
од пресушени
изгорени корени
како млад и силен
извор на збор
што пробива
уморен молк
на заборавена крв
од ниедно време

како ми легнуваш
во виножито
што секогаш се крева
над мојата судбост
сосе оган молња
и модри дождови
прикажана пред светот
со јадовина и скрбнина
за неговото паѓање
и пропаѓање
на дното од говорот

како заспиваш
во рамнодушност
дека сум за миг
она што некогаш
сум бил со тебе
и пред тебе
но никогаш во тебе

и те нишанам
и те пронижувам
со последен здив

оти ден на убоста
што ти прилега
никогаш не се родил
не почнал да расте
ниту ноќ на наша
прелага на животот
некогаш ќе падне
врз нас
ќе нѐ покрие со некој
од своите заборави
и дребности

LEAVE A REPLY

Please enter your comment!
Please enter your name here