11. 2. 9. Енергетика
Науката за енергијата во наши услови треба да има посебно место и третман на современото-модерното радио, но не и како единствена гранка. Ова од причина што таа од една страна содржи три области на производството: рударство (производство на јаглен, производство на сурова нафта и природен гас), хемиска индустрија (рафинерии на нафта, коксари и др. ) и производство на електрична енергија, гас, пареа и вода; а од друга е во корелативна врска со економијата воопшто и екологијата, со целината на општествено-економскиот и технолошкиот развој.
Енергетиката ги изучува природата, законитостите, видовите и изворите на енергија, техниката и економијата на нивното искористување, трансформацијата, употребата, дистрибуцијата и потрошувачката, како и проучувањето и развојот на нови извори енергија. Таа е битна претпоставка за реализација на секој технолошки процес, односно за производство на сите материјални добра.
Од тој аспект енергетиката на една земја не може да се третира изделено, туку е многу позначајно да се анализираат енергетските ресурси, нивната експлоатација и дистрибуција во функција токму на севкупниот технолошки развој и производството на материјалните добра. Исто така, одделните видови на енергија се користат за потребите на разни видови сообраќај, за домаќинството и за други потрошувачи, при што се афирмира односот помеѓу нивото на потрошувачката на енергија и животниот стандард.
Растот на производството на енергија е битна пртпоставка и за развојот на индустриското производство, посебно на оние гранки што трошат големи количества енергија по единица производ (базна металургија, индустрија на неметали, хемиска индустрија).
Секое парцијално третирање на енергетиката како посебна научна област го стеснува и го маргинализира новинарскиот ангажман. Тоа, пак, претпоставува пошироко присуство на оваа област на програмата на радиото, со користење на сите новинарски радио-жанри, а особено на разговорите во студио со компетентни луѓе од различни профилации, дневно информирање (следење на дневни настани), тематска обработка (аналитичко новинарство), но и на тн. творечки жанри (репортажи, патеписни белешки, интервјуа и сл.).