АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 2 минути

11. 2. 30. Музикологија

Музикологијата како научна област е мошне комплексна. Опфаќа низа прашања што се мошне релевантни за следењето и осознавањето на актуелниот музички живот во корелација со минатото, трајните вредности и музичката култура воопшто.

Некои теми и проблеми навлегуваат и во други области, надвор од музиката, што на еден начин ја преферира нејзината интердисциплинарност. На пример, естетиката, социологијата и педагогијата не се однесуваат на теоријата на музиката воопшто, туку имаат пошироко значење на развојот на личноста, нејзината култура, како и во афирмацијата на нејзината индивидуалност.

Од друга страна, остручувањето односно едукацијата на слушателскиот аудиториум на радиото на современата модерност ја поставува музикологијата во мошне значајна функција: градење на критериум за музичките вредности, селективност, следење на развојниот тренд на музичките правци во светот и кај нас, како и соодветен третман на музичките содржини во програмите, емисиите и рубриките.

Не е можна програмско-уредувачка политика во музичката сфера без познавање барем на основните „елементи“ на комплексната проблематика на музикологијата: проучување на музичките правци и утврдување на нивната законитост, историја на музиката (вклучувајќи го и развојот на нотацијата-палеографијата која обезбедува атрактивни програмски сегменти), инструментите и изведувачката практика, теоретската систематика (акустика, тонски системи, физиологија на тонот итн), музичката естетика, социологија и педагогија. Се разбира, сето тоа низ една програмска конкретизација која подразбира и едукација и презентација, но и комуникација со слушателите.

Едукацијата е насочена најпрвин во запознавањето и осознавањето на музичките правци, и тоа во рамките на историјата на музиката. Не само кога станува збор за сериозната, односно класичната музика (со оглед на нејзината „непопуларност“, неангажираност во нејзиното следење-слушање), туку тоа со подеднакво значење се однесува и на забавната-леснонотната, на рок музиката како културен, социолошки, па и општествен феномен.

Историјата на музиката е во значителна мера неоткриен свет на слушателот, па со соодветна застапеност, презентација прилагодена на радиофонските закономерности може да претставува вистинско програмско богатство на современото-модерното радио.

Истото се однесува и на иструментите и изведувачката практика; светот на музичките инструменти е во голема мера непознат за поширокиот слушателски аудиториум.

Што се однесува на музичката естетика, социологијата и педагогијата, тие области треба да се третираат во рамките на образовнит систем, користејќи најразлични форми на реализација: од актуелизација на одделни прашања и проблеми (тематски третман на програмата), организација на едукативно-комуникациски содржини (концерти, трибини-предавања на истакнати естетичари, социолози и музички педагози), до нивна радио-илустрација (едукативно-забавни рубрики).

Во рамките на програмската шема на радиото музикологијата не треба да има посебен третман, свои програмски сегменти (емисии и рубрики), туку таа треба да биде инкорпорирана во општите и специјализираните музички емисии и рубрики, како дел од севкупната музичка содржина. Акциите (концерти, трибини) и тетамскиот третман на одделни прашања и проблеми се реализираат во рамките на другите говорни и радиовизиски изданија.

Leave the first comment