АСПЕКТИ НА МОДЕРНОТО РАДИО-РАДИО НА СОВРЕМЕНАТА МОДЕРНОСТ, научна студија

Потребно време за читање: 2 минути

11. 2. 32. Естрада

Естрадата како посебна област или новинарски ангажман не се дефинира со „забавна сцена“ или „музички свет“ или „џет сет“, односно во поширока смисла концерти и театарски приредби, популарни програми. Забавно-рекреативниот третман има пошироко значење од сите наведени. Естрадата претставува „сценски живот“, што значи дека таа е дел од нашето секојдневје; на показ е пред сите, едновремено прифаќа секого како учесник во неа, но содржи и повисоки „форми“ на живеење. Всушност, сè она што се случува зад „сцената“ или пред неа.

Во естетските или социолошките истражувања на културата воопшто и уметноста посебно ретко се среќаваат обиди за поопстојна анализа на естрадата, па и нејзино поимно ситуирање. Таа најчесто се поврзува со популарната уметност и масовната култура, конкретна како меѓупростор. Ваквиот заклучок се наметнува следејќи ги размислувањата на А.Хаусер.

На пример, тој популарната уметност поимно ја дефинира како „паѓање на сериозноста и строгоста на високото, автентично уметничко создавање час на ниво на пријатно и допадливо, час на ниво на необврзно чувственото и крајно сензационалното“. Конкретно: најопшта и најупадлива ознака на популарната уметност е што таа се придржува кон успешните формули кои лесно се прилагодуваат.

За масовната култура е интересен следниов негов став:

„Поводливиот конвенционализам, кој се забележува во популарната уметност, во уметноста на масовната култура станува решавачки фактор веќе во нејзините најрани почетоци“.

Новинарскиот третман на етрадата може да се насочи кон популаризација на уметноста, и тоа преку поедноставување на нејзината интерпретација односно доближување (а не уметноста да ја прилагодуваме на образовното и естетско ниво на публиката). Да повторам, тоа се однесува и на сиот „сценски живот“ од нашето секојдневје: меѓучовечките односи, расправи, полемики, комерцијализација на уметноста, дизајнирањето на животот воопшто итн.

Во тој контекст од особено значење е постојаниот новинарски ангажман во разликувањето на вредното од невредното (вредносни критериуми), во разграничувањето на уметноста од кичот како придружен сегмент на популарната уметност.

Извонредна дефиниција на кичот дава А.Хаусер:

„Кичот е допадлив и прифатлив со мала улога на интелектуално напрегање, соодветствува на хедонистичките барања, но се разликува од обичните, вулгарни облици на популарна уметност пред сè со тоа што поставува барање безусловно да биде уважен како „уметност“, додека таквото барање само ретко или никогаш не го поставуваат производите на забавната индустрија, кои необразованата или полуобразованата публика ги консумира како книжевност, музика или сликарство“.

Улогата и значењето на естрадата ја гледам како некаков меѓупростор помеѓу популарната и масовната уметност односно култура, имајќи ја на ум нивната развојна последователност. Во „естрадниот“ третман на масовната култура од особено значење е напуштањето на нивелираните уметнички критериуми за квалитетот на релативно низок степен, на нејзините негативни ефекти-конформизмот, неодговорноста, неангажираноста на духот итн, а постојана афирмација на нејзината позитивна улога: да предизвика внимание за вредности кај пошироката публика, да ја негува љубопитноста, да го негува добриот вкус како плод на уметничката култура; конечно, да го трасира патот до критиката и опозицијата.

Една посебна уметност на нашево време наметнува постојано „естрадно“ следење на нејзиниот продуктивен и рецептивен агенс: поп-артот, кој се дефинира како средина помеѓу „високата“ и популарната уметност.

Повторно се повикувам на А.Хаусер:

„Популарната уметност како производ на забавната индустрија е свесна и грижливо организирана творба на претприемачи кои ги финансираат нејзиното производство и пласман. Со својата културна критика и социјалниот ангажман, поп-артот е поблизок до образованата елита отколку до пониските слоеви; но со својата музика останува во суштина масовна уметност“.

Ваков „естраден“ третман во радио-програмата треба да имаат посебно поп музиката како „колективно уметничко доживување“ и поп сликарството со сите негови појави, форми и медиско изразување, а особено неговата применета функција во секојдневното „сценско“ живеење, во неговото случување.

Leave the first comment