Понекогаш, кога ќе се загледаш во календарот што ти стои на ѕид или во телефонот, не размислуваш дека времето некогаш се мерело поинаку. Не само со други броеви, туку со поинаква логика, поинаков ритам и со поинакво чувство за светот. Токму таму некаде почнува приказната за античкиот македонски календар – систем што не бил само алатка за броење денови, туку одраз на еден начин на живеење и разбирање на космосот.
Во „Википедија“, слободната интернет енциклопедија, денес е достапен опис на античкиот македонски календар, кој бил во употреба во Македонија во текот на I милениум п.н.е. и кој, според досегашните сознанија, се вбројува меѓу најстарите познати календари во светот. За многумина тоа е само историски податок. За мене, а верувам и за тебе, тоа е доказ дека нашите предци не биле само воини и владетели, туку и внимателни набљудувачи на времето.
Кога започнувала годината и зошто токму тогаш
Македонската година не започнувала во јануари, како што сме навикнати денес. Таа започнувала на 19 октомври – датум што се смета за македонска Нова година. Тоа не е случајно. Почетокот на годината бил врзан со природните циклуси, со завршувањето на жетвата и со влегувањето во период на подготовка за зимата.
Годината имала 12 месеци, секој од по 29 дена. Со тоа, календарската година била покуса од соларната за околу 10 до 11 дена. За да се надмине таа разлика, на крајот од годината се додавале дополнителни денови, а според дел од истражувачите, одвреме-навреме се вметнувал и 13-ти месец.
Оваа практика е поврзана со таканаречениот Метонски циклус, 19-годишен период во кој лунарните и соларните години повторно се усогласуваат – концепт добро познат и во други антички култури.
Лунисоларен календар со прецизна логика
Античкиот македонски календар бил лунисоларен. Тоа значи дека месеците и деновите се воделе според Месечината, додека усогласувањето со годишните времиња се правело според Сонцето. Основната година имала 12 синодски месеци, односно 354 дена, што наложувало редовно додавање на емболимни – престапни месеци.
Во секој 19-годишен метонски циклус биле додавани вкупно 7 такви престапни месеци. Ова покажува дека календарот не бил импровизација, туку внимателно осмислен систем кој со векови успевал да го држи времето „во ред“.
Како античките Македонци го мереле времето
Времето не се гледало на часовник, туку се читало од сенката. Во Хераклеја Линкестис се пронајдени сончеви часовници изработени од камен, со исклесани линии и централен стап – гномон – чија сенка го покажувала текот на денот.
Сѐ до римскиот период, античките Македонци немале посебна временска ера. Годините се броеле според владеењето на кралевите, што уште еднаш покажува колку времето било тесно поврзано со политичката и општествената реалност.
Имињата на месеците и нивниот пат низ историјата
Имињата на месеците денес звучат архаично, но токму тие носат дел од духот на античка Македонија:
Дион (октомври), Апелај (ноември), Авденај (декември), Перитиј (јануари), Дистер (февруари), Ксандик (март), Артемисиј (април), Даисиј (мај), Панем (јуни), Лој (јули), Горпиај (август) и Хиперберетај (септември).
Во рамките на циклусите, постоеле и престапни месеци како Ксандик Емболим и Хиперберетај Емболим.
Интересно е што дел од овие имиња продолжиле да се користат во Сирија и по почетокот на христијанската ера. Историчарот Јосиф Флавиј, на пример, користел хебрејски календар, но со македонски имиња на месеците.
Соларниот македонски календар и римското влијание
Постои и конкретен археолошки доказ за соларен македонски календар – натпис од Декапол во денешен Јордан, датиран во VI век п.н.е., каде годината започнува со месецот Аудунаеус (декември).
Со доаѓањето на Римјаните, соларниот македонски календар постепено се стопил со јулијанскиот. Во римска Македонија, извесен период, паралелно биле во употреба и двата система. Времето, како и секогаш, се прилагодувало на новата реалност.






