Обајцата носат секакви алишта. Понешто излитено, парталаво, понешто ново како никогаш носено. Во секаков крој, скроено како повеќе за други одошто за нив. Повеќе тесно одошто широко. Во секакви бои, усогласени, неусогласени, и со секакви шари. Уредни и неуредни.
Обајцата често нагласуваат дека и според нив облеката не го прави човекот човек, туку она што е во него и што е создадено од него. Облеката треба да прави човекот да се чувствува комотно, лесно, пријатно, задоволно, со еден збор природно. Подобро е човек да биде гол, отколку да носи тесно, тешко, непријатно, незадоволно, со еден збор неприродно.
Обајцата се смеат кога е збор за облека по последна или трендовска мода. Не се воздржуваат и да ги исмеваат оние што го истакнуваат тоа, дека ја следат модата и се трудат да се облекуваат трендовски. Поготово кога го истакнуваат тоа возрасни и стари луѓе. Младите помалку не зашто ги разбираат, им одобруваат поради младоста, туку се знае: кај нив е сè минливо, поготово облекувањето. Исто како што им е смешно, а не се воздржуваат да го исмеваат разликувањето на скапа од евтина облека. Не можат да си одговорат кој е критериумот за таквото разликување.
Обајцата се облечени како било кога треба да се замешаат во луѓе. Кога би можело, радо би се облекле голи.
ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБНАВ ЧОВЕК, наративна поезија, 18




