А повевот се сили

Препев на пев и повев

Ту како веќе
да не е повев
ту како да е
како досега
ту како некој
да го сили да се сили
сè пред него да развее.

Тоа од неодамна
започна да го прави
без да има повод
или некоја причина
да не биде повев
како досега.

Многу се сомневам
дека зад него застанале
сили некакви нечии
невидливи
кои сакаат мене
негов препејувач
да ме отстранат
да ме оневозможат
со животворен сомнеж
да продолжам
да создавам дела
за ослободување
на сиот жив свет
на сиот мртов свет
од дребнавостите
кои како да ја силат  
нивната минливост.

Се сили повевот
а не ни помислува
дека без мене
не би бил со пев.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Сетне, поетска инсталација, 61

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.