Тие отсегаш биле и секогаш ќе бидат заедно, без оглед на нивните различни времиња на живот и смрт. Одвреме-навреме меѓу нив Калил Џибран, жив или духовно вонвременски, значи далеку од каква било заедничка замисла; со мисла ослободена од каква било потреба за самодокажување.
Па така, кога Аристотел и Сократ разговараат за животот и смртта како нивна автентична неминовност, Џибран се обидува да ги насочи кон причината и последичноста.
Сократ му вели на Аристотел:
-Ти Аристотеле, мој дамнешен и сегашен пријателе, можеби не знаеш, но се надевам насетуваш дека јас и ти сме за секого во живот и во смрт кога сме заедно. Да бидам искрен, се сомневам во твојот став за можноста да бидеме сами со себе во живот и смрт. Најпрвин затоа што мислам дека стварниот свет го менуваме во иста мера колку што тој нè менува нас. Што се однесува, пак на смртта како конечно смирение на душата и телото надвор од свеста, сигурно го паметиш мојот став за страдањето и промената сè до пред нејзиниот почеток.
Аристотел му вели на Сократ:
-Да, се разбира. Човекот страда зашто бара, посакува и добива нешто што не го сака, но страда и поради добиено што го сакал. Затоа што тоа-добиеното не може да биде вечно негово. Всушност, сакаш да кажеш дека страдањето е во умот кој се труди да биде ослободен од промените, болката и обврските на, а јас би додал и меѓу животот и смртта. Тоа е затоа што е промената неминовност.
Се вмешува Калил Џибран:
-Мене ми е попривлечна мудроста за неосознаениот живот; имено, тој не вреди да се живее. Неосознаен, значи нестварен, можеби заумен свет. Во кој, пак, вие не сте живи исто колку што сте. И јас како вие.
Сократ:
-Ти сметаш дека вреди да се живее неосознаен свет?
Џибран:
-Не сметам, но сакам да ви посочам на нешто единствено кое ги поврзува, би рекол и ги обединува, ги прави своевидна целост. Да, мислам на љубовта. Таа и животот. Нема живот без љубов. Сте немале ако не сте живи или ако сте дамна мртви…Размислете за мојата споредба со дрво без цвеќе и овошје.
Аристотел:
-Таа ти е општоприфатена мисла. И од нас. Сосе поврзувањето со оптимистот и песимистот; првиот ја гледа ружата, не нејзиното трње, а вториот не ни трепнува додека гледа во трњето игнорирајќи ја ружата. Ја надополнува и ставот дека живеењето се дефинира со односот спрема животот, односно со начинот на кој умот гледа на тоа.
Џибран:
-Љубовта е над сè меѓу животот и смртта. Таа им овозможува, би рекол и ги насочува да бидат едно. Споредлвио е со реката и морето.
Сократ му се обраќа на Аристотел со поглед кон Калил Џибран, како од него да очекува согласност:
-Морам да ти признам, Аристотеле, пријателе мој и наш, дека твојата доблесна етика е врвна и за сите времиња. Според мене, таа е стожерна во твојата „Никомахова етика“. Ми дојде во мисла баш сега за да го истакнам моето несогласување дека животот и смртта се доближуваат и оддалечуваат во зависност од постојаноста на односот на човекот спрема нив.
Калил Џибран:
-Твојата евдаимонија-живеењето добро и напредувањето. Во неа среќа, стремеж кон самоподобрување и живеење на животот целосно.
Аристотел:
-Мене никако не ми е прифатливо тоа што и денес не се разбира суштината на човечката доблест. Пред сè како карактерна црта и одреден начин на дејствување. Од практика и морални примери, до нејзино преминување во навика. Мислам на храборста, умереноста, величественоста, великодушноста, трпението, искреноста односно чесноста, остроумноста, пријателството, срамот, правдата.
Аристотел, Сократ и Калил Џибран се заедно на брег на езеро, толку бистро што човек може да се огледа во него како во огледало. И малите бранови како да водат сметка да не ја разнишаат неговата бистрина.Седат на клупа и долго молчат пред секој од нив да прозбори како за себе или по продолжување на меѓусебен разговор.
Сократ му повторува на Аристотел што му кажал некогаш, дамна, кога мигум биле или допрва ќе бидат заедно:
-Се надевам дека во меѓувреме и ти ја осозна нашата меѓусебна спротивставеност; дека ние никогаш ниту сме имале, ниту имаме, ниту ќе имаме некогаш што било заедничко. Тоа е просто невозможно. Едно затоа што различно сме ги разбирале собитијата и премрежјата низ кои можеби сме минале, а можеби не, а друго поради непорекливото сознание дека е сосем неважно дали ти си живеел повеќе или помалку од мене или како сме ги завршиле нашите животи.
Аристотел:
-Не мораш да продолжиш да ми повторуваш. И кога ми кажа се согласив. Се согласувам и сега со твојот став за загадочното исчезнување на исконски народ на своја земја. Сосем си во право дека докажани и видни личности со дела немаат којзнае какво влијание во тој процес. Поготово кога притоа долго, та предолго трае процесот на разнебитување на колективните идентитети. Наспоредно со националниот, а наспроти слободоумноста како претходничка на личната слобода.
Калил Џибран се обидува да го насочи разговорот на друга тема:
-Јас никако не успевам да доумам зошто Македонскиот Полуостров е преименуван во Балкански. Планината Балкан не се протега на целиот полуостров. Неспорно е дека Александар Трети Македонски ги распослал македонската култура, јазик и идеи на три континенти. Во античкиот период на Македонскиот полуостров немало друг народ освен македонски.
Аристотел е настојчив, продолжува за разнебитувањето на личниот и колективните идентитети:
-Драг пријателе Калил Џибран, исчезнувањето на цивилизациите од дамнина до денес е проследено со долготрајни подеми и падови, а нивното преименување од историска гледна точка секогаш го забрзува тој процес. Јас лично, како учесник, па и поттикнувач на некои собитија, што ми ги овозможуваше блискоста и обврските, можам да посведочам дека освојувачките походи на Александар во голема мера се и одбрана и затврдување на македонската цивилизација на Македонскиот полуостров. Мислам дека досега на неколку наврати сум ги истакнувал токму неговите доблести и мудрост како најголем израз на слободоумноста и личната слобода.
Аристотел, Сократ и Калил Џибран се заедно во Лихнид, на брегот на бистрото езеро. Се одмораат пред да го продолжат одењето, патувањето, освојувањето на патот Вија Егнација. Како докажување на нивните животи и смрти во дамнешното минато и сегашнината.
ПРЕД ИСЧЕЗНУВАЊЕ (МОЖЕБИ ЗАМОЛК ОД СЛИКИ И ЗБОРОВИ), роман, 61




