Исказ за видик

Навнатре и однатре

Оние што го слушаат со внимание за сè и сешто секоја среда, недвојбено сакаат да го слушаат. Забележливо е дека во последно време не им најавува средба во салонот на Центарот за култура. Ја навува Центарот со два плаката залепени на левиот и десниот столб на влезот. Од друга страна, од недела во недела бројот на слушачи евидентно се зголемува.

Интересно е дека секоја средба секогаш има иста, мошне едноставна шема: тој зборува, слушачите слушаат, а потоа десетина слушачи поставуваат прашања или полемизираат со неговиот исказ аргументирајќи свои гледишта. Тоа е сè.

Секоја средба со него не трае подолго од еден час, а пред да се разотидат сите добиваат картичка со отпечатени и своерачно потпишани негови афоризми и изреки на темата обработена таа вечер. Обработена? Можеби е поточно да се каже иницирана или актуелизирана. Просто затоа што тој најчесто избира тема која не се ни спомнува, значи е маргинализирана, или, пак, нема подлабока врска со нашето секојдневје.

На пример видикот. Оваа вечер негов исказ и прашања и аргументи на слушачи токму за него. Интересно или не, за кого како, за разлика од многу претходни овојпат неговиот исказ во траење од само десетина минути.

Од исказот поентата:

„Видикот е простор за поглед и доглед со голо око, но е многу позначаен како гледиште односно став за нешто. Согледување кое во себе го содржи постојаното проширување, збогатување. Јас тоа го нарекувам пулсирање на видокругот.

За мене е многу важна релацијата меѓу видикот и видиците. Еден видик во корелација или спротивставен на повеќе, односно на многу видици. Притоа, не мислам само на содржината, на опфатот на еден и повеќе видици, туку многу повеќе на нивната меѓузависност. Во таа смисла, сметам дека треба многу повеќе внимание да посветуваме на еден, отколку на неколку односно на многу видици. Слично како кога станува збор за една мисла и едномисленост. Затоа што еден видик е по дифолт движечки, поттикнувачки, а многу видици се најчесто истоветни или истозначни, во најголема мера обединувачки со заедничка нишка, со заеднички именител“.

Од прашањата едно од суштествените:

„А што е со динамиката и континуитетот на видикот? Не мислите дека тие се многу поголеми и понесопирливи од повеќето или многуте видици? И дека токму динамиката и континуитетот на видикот најмногу зависат од индивидуалната слобода и автентичноста?“

Неговиот кус одговор:

„Да, мислам“.

А картичката поделена на слушачите по завршувањето на средбата? А афоризмите и изреките на тема видик? Се разбира и таа, но со само еден афоризам како негова лична порака. Отпечатен со големи бели букви на црна основа:

„Твојот видик и видиците на оние што се со тебе вредат само ако се животворни“.   

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 72

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.