Траењето на бизарните вести – зошто чудните приказни не стареат

Понекогаш, додека ги листаме вестите, ми се чини дека најбрзо ни поминуваат низ раце токму оние што нè тераат да кренеме веѓа. Не затоа што се неважни, туку затоа што се „чудни“. Па еве ја дилемата што ме копка со години, и сакам директно да ти ја фрлам на маса: дали и вестите за бизарните настани во светот, освен што, како сите други, се за „еднократна употреба“ – да регистрираат, да информираат, да се архивираат – се и краткотрајни? Дали траат помалку од оние „стандардните“, дневни вести, што ги јадеме со првото утринско кафе и ги забораваме до ручек?

И уште нешто. Ако им ги тргнеме датумите, ако ги одвоиме од денот кога се „лиферувани“, од моментот на случувањето, дали тие бизарни вести добиваат некаква чудна вонвременост? Дали стануваат приказни што можеш да ги прочиташ и денес, и по десет години, и повторно да те замислат?

Кога бизарното одбива да остари

Ајде да процениме заедно, не те убедувам, само те канам да погледнеш наназад. Пред повеќе години, низ медиумите поминаа вести како овие: деца што живееле со 68 пит бул териери; забрана на еротски реклами во престолнината на Латвија; Британка што напуштила 20 деца поради љубовник од Интернет; индиски самоубиец кој прв го опишал вкусот на цијанид; отворање на прво училиште за вештерки; дијаманти направени од коса на новородени деца. Денес ги читаш и си велиш – ова можело да се случи и вчера.

Деца живееле со 68 пит бул териери

Во Канзас, американската полиција побарала помош од социјалните служби откако пронашла 11-годишно момче и неговата петгодишна сестра во куќа со мизерни услови за живот. Не биле сами. Со нив живееле 68 пит бул териери, распоредени и во куќата и во дворот. Многу од кучињата имале рани по телото, а полицијата претпоставила дека биле користени за борби. Таткото бил приведен, а кучињата, според тогашните информации, најверојатно биле еутаназирани. Денес, кога дебатите за благосостојба на животните и одговорно родителство се уште погласни, оваа вест звучи застрашувачки актуелно.

Прочитај и за ... >>  Колку е важен насловот на книгата?

Во Рига – стоп за еротските реклами

Градските власти во Рига одлучиле да стават крај на еротските реклами со кои стриптиз баровите и борделите ги промовирале своите услуги. Причината? Центарот на градот бил преполн со неонски светла и полуголи тела на билборди. Новите правила забраниле светлосни ефекти за вакви објекти, наложиле покриени излози и реклами без лого или маскота. Денес, кога многу европски градови повторно ги преиспитуваат границите меѓу јавен простор, маркетинг и морал, оваа одлука на Рига изгледа како најава на тренд, а не како изолиран инцидент.

Љубов од Интернет посилна од 20 деца

Една Британка, мајка на 20 деца, го напуштила сопругот и семејството откако се вљубила во оженет маж што го запознала на Интернет. Сѐ функционирало „нормално“ додека една од ќерките не добила компјутер. Интернетот влегол во домот, а со него и новиот живот на Никол. Сопругот Кевин останал сам со децата и работа на грб. Денес, во ера на апликации за запознавање и дигитални идентитети, оваа приказна повеќе не шокира- таа предупредува.

Вкусот на цијанидот, опишан од прва рака

Индиски златар, пред да си го одземе животот голтајќи цијанид, оставил порака во која го опишал вкусот на отровот: пече на јазикот и е горчлив. Дотогаш, цијанидот бил обвиен со мистификација – се зборувало за мирис на бадем, за бел прашок, за средство што го користеле затвореници, нацисти и герилски групи за да избегнат сослушување. Денес, кога менталното здравје и превенцијата од самоубиства се клучна тема, ваквата вест се чита со сосема поинаква тежина.

Прочитај и за ... >>  Најскапи куќи на светот

Училиште за вештерки – од Интернет во реалноста

Во Илиноис било отворено првото американско училиште за вештерки, откако претходно функционирало исклучиво онлајн. Илјадници студенти ги следеле предавањата преку Интернет, а интересот бил толкав што дневно се пријавувале десетици нови кандидати. Денес, кога алтернативните духовни практики и онлајн бразованието се веќе меинстрим, оваа „бизарност“ звучи речиси… очекувано.

Дијаманти од коса и крзно

Јапонска компанија понудила синтетички дијаманти изработени од коса на новороденчиња или од крзно на домашни миленици. Цените се движеле од неколку илјади до десетици илјади долари, во зависност од бојата и каратите. Во земја со намален наталитет, секое раѓање станува симбол, а секој спомен – материјализиран. Денес, кога персонализираните сувенири и емоционалниот капитал се голем бизнис, оваа вест изгледа како логичен чекор, не како егзотика.

Па, траат ли бизарните вести?

И еве нѐ пак на почетокот. Можеби бизарните вести не траат подолго од другите. Но, сигурен сум во едно: тие побавно стареат. Затоа што не се врзани само за настан, туку за човечката природа, за нашите стравови, желби и апсурди. А тие, за жал или за среќа, ретко се менуваат.

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.