Суштини, 57-63

Суштини

57. Спомнување

Си спомнувам
Кога си спомнав
Дека во спомени
Бев со векови
Собрани за кога
Ќе си спомнувам
Колку спомени
Со љубови
Оставиле брчки
На моето лице.

Си спомнувам
На тебе со мене
Оти долго бевме
Спомнувани
Од нам знајни
Во меѓувреме.

58. Игла и конец

Вденав конец од преплетени
Тенки дебели живи жизнени
Црни црвени и бели конци
Низ иглени уши на игла
За сошивање надежи
Меѓу скроени соништа
На јава.

Не стасав да ги сошијам
Пред иглата да се ослободи
Од трагите на моите врвици
И да полета
Кон пајажинест конец.

Мора да успее да го вдене
Во себеси
И совреме да сплете
Пајакова мрежа над бездна.

59. Тапани

Од утро чукаат тапани
Во воздух без тапанџии
Тапо
Како да чукаат срца
Скорашни и дамнешни
На млади со стари сами
Во тешко оро фатени.

Помислувам дека тоа
Ветер ги тера да чукаат
Без тапанџии тапо
Но нема ветер
Ни близу до мене
Ни далеку од мене.

Прочитај и за ... >>  Нешто живее

А има срца
Во тешко оро фатени.

60. Не сака

Кога не сака да биде
Каде било откако
Ќе најде простор
За своето тело
Без гранично време
Нема да се прашува
Зошто не сака.

Не сака и тоа е
Залуден е секаков
Обид да посака.

А нејасно е дали
Нема да сака
Кога секој како него
Ќе сака.

61. Јако

Јако е што да
Не може да биде
Појако
Камо ли најјако.

Глас заглушува
Гласови екотни
Од највисок врв
На студено небо.

Светлина јарка
Гасне светлини
Обѕидани со молк.

Јак глас
Во јарка светлина
Најјаки.

62. Расположби

Оставаш свои без
Мои расположби
Со кои владеат
Појави и состојби
Во кои нема ништо
Што би можело
Колку за промена
Да промени нешто
Во редот
На луѓе наредени
Според заслугите
За напредокот
На светот.

Свои без мои
Расположби
Со кои владеат
Секакви сили.

63. Дело

Едно дело пред очи
Ми оживува
Затоа што конечно
Се ослободи од свои
Рамки како меѓи
Меѓу плодно
И речиси неплодно
Водно
И речиси безводно
Земјиште.

Прочитај и за ... >>  СВЕТОВИ, поезија/ припеви, 76-80

Не знам како така
Наеднаш оживува
Ненадејно
Без никаков предзнак
На почеток
Или продолжение
На постоење корени
Во кој пламени
Се извишуваат
До самоти небо.

Дело на творец
Дамна мртов
Пред мои очи
Оживува во некој
Миг на преобразба.

Дело за мене ли
Дека сум уште жив.

СУШТИНИ, Зборопој/зборови за пој, елементарна поезија

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.