Потребно време за читање: 2 минути

Наковалната и токмакот крај прагот на неговото запуштено живеалиште, приземна камена куќа среде селото Ветрово, се од дедо му кого неколкуте стари луѓе што живеат во свои трошни куќарки го паметат како единствен, последен ковач. Татко му ги имаше оставено и заборавено во мрачни агли на визбата, не ни помислувајќи да ги извади оттаму; како што знае да каже Наум-на каков било начин да ги оживее.

Никогаш не ни помислил на ковачкиот занает. Смета дека и тој, впрочем како многу други стари занаети, многу скоро ќе изумре ако веќе не е неповратно изумрен. Не затоа што знае колку е тежок, отсекогаш бил еден од најтешките, ако не најтежок. Напротив, како многу други, со оглед на технолошкиот развој на сè, воопшто брзата модернизација на животот, и тој денес може да биде лесен. Сигурен е и дека е мошне перспективен. Сепак, неговата професионална и животна определба е веќе остварена. Наум е архитект, сопственик на успешна градежна компанија.

Што знае за наковалната и токмакот на дедо му? Не знае многу. Главно она што е дел од ковачкиот занает: наковалната е за правење секакви железни и дрвени алати и прибори за домаќинство; за нивно ковање, поправање, обновување или зајакнување, а пред сè за долго, силно, макотрпно удирање со чекани и токмаци на метал, поготово врело, стопено железо сè до добивање посакувана форма. Коникретно за наковалната: има лице, доволно широка поврвнина за обликување поголеми парчиња метал, како секоја друга заден дел за делкање, рог на предната страна за виткање опашка, а има и неколку дупки на лицето за вметнување разни алатки.

Прочитај и за ... >>  Бездруго

Во другите мрачни агли на визбата не пронајде чекани. Пронајде токмак. И него го изнесе крај прагот и го потпре на наковалната. Што знае за него? Како секој што знае: тој е јак и треба снага за да се дига и да се удира на парче метал на наковалната до посакуваната форма; крши камен и со железни клинови цепи дрва; заковува шајка што да не може лесно да се откова.   

Се насмевнува сеќавајќи се на „меѓу чеканот и наковалната“, на неговите досегашни тешки положби и честото наоѓање меѓу две опасности. Знаејќи ги поговорките за чеканот и наковалната, татко му често му ги пренесуваше предупредувањата на дедо му дека паметен не става рака меѓу чекан и наковална, треба да се биде трпелив во животот, а ако е човек наковална и само еден чекан нужно е да биде трпелив и да удира силно; и тоа дека е скап чеканот кој одмора на наковална.

Прочитај и за ... >>  Раскажувач

Ги изнесе токмакот и наковалната на неговиот покоен дедо ковач крај прагот, на виделина и си вети на себеси уште денеска да ги исчисти од `рѓата што навалила да ги изеде.

Додека е жив ќе памети што му рекоа шепотно:

„Ти благодариме што нè изнесе на виделина. Уште да нè исчистиш, да нè ослободиш од `рѓава…Заедно со дедо ти ќе ги заживуваме и ќе ги коваме твоето минато и твојава сегашност…Ни претставува чест што нè изнесе крај прагот на твоево запуштено живеалиште. Ти стоиме на располагање и како што можеме ќе ти помогнеме при неговото обновување…Ќе коваме заедно“.

Од каде знаат чеканот и наковалната дека е дојден да го обнови неговото запуштено живеалиште?!    

ДРЕБНАВОСТИ НА ДРЕБЕН ЧОВЕК, наративна поезија, 5