Трут, пчели и политика

Потребно време за читање: 2 минути

Откако политиката навлегла сегде кај што можела и ѝ се дозволило, логички и очекувано на ред ѝ дошла пчелната заедница. Како што е добро познато, неа ја сочинуваат три вида пчели: матица, пчела работничка и труд. Имајќи го тоа предвид, како и корелацијата со процесот на политизацијата на секоја заедница, таа најпрвин го заразила трутот. Логички и очекувано затоа што, како што е добро познато, тој во пчелната заедница нема никаква работа, а негова единствен цел во животот е само еднаш да се спари со матицата и потоа да умре. Знаејќи го тоа, политиката побрзала да го зароби најпрвин трутот. Впрочем, за матицата се знае дека има задача да чека да биде спарена со трут и да снесе оплодени и неоплодени јајца, па од плодните да се изведат пчели а од неоплодените да се развијат трутови.

Не треба да се изуми дека во политички контекст матицата се грижи за опстанокот на заедницата, како и тоа дека во животот излегува од кошницата само еднаш, за време на парењето, и во неа е само една; ако се изведат повеќе матици, заедницата се дели со природно роење. Важно во политички контекст е и дека матицата се движи во правец на Сонцето; конкретно, наутро е на источниот дел од кошницата, напладне меѓу централните рамки, а навечер на западната страна.

Прочитај и за ... >>  Мечка

Што се однесува на пчелите, доволно е да се знае дека се работнички во буквална смисла на зборот, а нивна единствена задача од раѓање до смрт е да опрашуваат растенија, истовремено произведувајќи мед и пчелин восок. Во врска со трутовите, пак, треба да се наспомне дека тие старите и мртвите трутови ги истуркувааат од пчелната заедница.

Трутот заразен од политиката со политика го одложил за некое време своето парење со матицата, што значи ја одложил својата природна смрт и формирал пчелна политичка партија. Се разбира, со единствена цел, како на секоја друга партија-борба за власт. Вообичаено, се ставил на нејзино чело.

Собрал околу себе неколку трутови истомисленици и со иста политичка провениенција, па почнал да дејствува политички и политикантски меѓу пчелите работнички за да се зачленат или да станат нејзини приврзаници. Меѓутоа, многу брзо, уште во нивната младост, во нивното најработливо доба партијата се пасивизирала и станала „еден трут-партија“, односно изумрела забрзано. Пред да изумре, трутот успеал да ја направи коалиционен партнер на коалиција предводена од една од најголемите партии, но не помогнало ни тоа. Впрочем, како многу, а може да се рече и сите партии со доминатно работничко, а минимално граѓанско членство. Зошто се случило тоа?

Прочитај и за ... >>  Верен пес

Одговорот е многу едноставен:

Од една страна, пчелите работнички напросто не можеле да најдат слободно време за политика и политикантство, имено е познато дека тие од раѓање до смрт само вредно работат, а од друга по кусо време трутот предводник почувствувал дека старее забрзано, му иде времето кога пчелите ќе го избркаат од пчелната заедница или ќе го истуркаат надвор заедно со мртвите. Се сетил која е неговата единствена задача во пчелната заедница-да се спари со матицата, па потоа да умре природно.

Постојат сериозни сомнежи дека главната причина за пропаста на пчелната политичка партија била нејзиното политичко движење односно дејствување; исто како пчелната матица-во правец на Сонцето, од исток кон запад.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 64