Пријателство-прилагодување и сплотување

Потребно време за читање: 5 минути

Ведран и Искра беа последните жители на селото Скамени. Село што пред четири години и три месеци стана мртво. По нивната смрт. Теодор Вишен ги запозна и ги слушна нивните години на долготрајно пријателство, главно кое свесно или несвесно ги спречило да заживеат и поживеат заедно во љубов. Ги запозна и ги слушна со две наминувања. При второто, пред нивната смрт во иста ноќ без ѕвезди и месечина, им вети дека ќе стори нешто за паметење на нивното постоење. Самиот не знаеше што. Помислуваше да напише расказ со нив единствени, се загреваше од амбицијата да напише роман, но засега ништо.  Се прашуваше, но не можеше да си одговори дали е тоа затоа што лично не доживеал пријателство како нивното, тој во животот не запознал ниедно друго такво, или, пак, дека на својот крај, најпосле ќе смисли нешто макар слично; не за паметење, туку за заборав, за без трага. Зошто тоа? За што му треба? На пример за да биде пример на опстанок при неминовно пропаѓање, уништување или при состојба на немоќ и рамнодушност. Нема и допрва ќе нема ништо во врска со него? Којзнае. Можеби и негов крај во самост.

Ведран и Искра беа последните жители на селото Скамени. Село јужно од запустениот град Аргос. Обајцата во длабока старост, тој на осумдесет и шест, а таа на осумдесет и девет години. Според Теодор, нема ништо значајно и интерессно во тоа што Ведран живееше сам на почетокот, во првата куќа, а Искра сама на крајот, во последната. Меѓу нив трошни, направени од стени, дрвени греди и плитари, како нивните. Четириесетина на број.

Што го наведе, што го привлече Теодора Вишен во два наврата да намине во Скамени и понекој час да да мине прво со Искра, потоа со Ведран? Го наведе неговиот пат кон град на спокој, а го привлече нивната близост и меѓусебното однесување. Неговиот, како пат од запустениот град Аргос кон град на спокој, на секој како него, со веќе големо животно искуство, со неспоредливо минато кое во најголема мера е саможртвувачко за што повисок општествен статус и позиција во власта и надвор од неа, е предвидлив при снеможење или пораз од залудност: тој завршува во точка на далечен хоризонт. Во него град на спокој?! Се разбира не. А што? Само надежен сон. На пример дека секој човек зад себе остава видлива трага која не води до него, туку до она што тој го создавал и успеал да го создаде за свет со луѓе како човек меѓу луѓе.

Ведран и Искра, во деветтата деценија живот, мошне ретко се заедно, не подолго од два-три часа. Колку да си речат меѓусебе некој збор, повеќе долг молк, да се видат дали се уште на нозе, има ли нешто за меѓусебно спомагање. Зошто не се постојано заедно?! Зарем не мислат дека староста ќе им минува полесно ако не се сами, оддалечени еден од друг? Тие не ни помислуваат на смртта во самост, без меѓусебно простување пред заминот во неврат? Не мислат и не помислуваат!

Прочитај и за ... >>  Гениј и големи луѓе

Теодор Вишен запиша што му раскажаа Искра и Ведран при неговото последно наминување во Скамени.

Искра:

„Ние станавме пријатели откако почнавме да се прилагодуваме еден на друг. Тоа го почнавме практично истовремено со почетокот на напуштањето на нашево село од страна на младите, нивното заминување на печалба далеку од татковинава, но и со истовремено забрзување на умирачките на скаменичани. Да, може да се рече дека на тоа бевме принудени. На почетокот ни одеше многу тешко, но со време сè си доаѓаше наместо. Веќе сме толку прилагодени еден на друг, што можам да речам дека сега заедно, како пријатели спокојно ги чекаме нашите смрти. Дали се помагаме? Нема за што и во што. На обајцата ни е сè исто. Особено сè поголемото снеможење…Се крепиме“.   

Ведран:

„Јас и Искра станавме добри пријатели откога почнавме да се сплотуваме како луѓе кои минале сè и сешто во животот. Пред сè сплотувајќи ги нашите изминати времиња. Кои биле секакви, како времињата на сите луѓе, но и само наши, мои и нејзини. Без да прашаш ќе ти одговорам какви се тие само наши. Тие се прво единствени откога во Скамени останавме живи само ние двајца, а потоа без никакви потреби како живи, освен леб и сол што се вели. Како и никакво противење на невремињата кои навалуваат и на нас ту бавно и долго ту наврапито.

Ќе ти го кажам и ова за нашето пријателство: иако јас и таа сме помислувале на нешто повеќе од тоа, да речам посилно емотивно, не сме го изразувале на каков било начин токму благодарение на нашето прилагодување еден на друг и нашето сплотување. Сега сме спокојни токму затоа“.

По смртта на неговата последна љубов, пред да тргне од Аргос на својот пат кон град на спокој, Теодор Вишен го смисли и домисли следново за пријателството:

Ако немаш ниеден вистински пријател, не живееш вистински.

Со пријателот не треба да имаш исто мислење. Дури е подобро да немаш. Најдобро е секогаш обајцата да имате свои.

Во самост без ниеден пријател? Со осаменост како неизлечива болест.

Верен пријател додека е жив.

Карактерот на пријателот е во хармонија со твојот.

Немаш многу пријатели. Имаш само еден меѓу нив, кој е со тебе и кога не ти треба, а сите други се со тебе оти им требаш.

Пријател не остава пријател во неволја.

Брани го пријателот од непријатели што му се прикажуваат и се обидуваат да му се докажат како негови пријатели.

Со твоите пријатели се бориш против заедничките непријатели.

Внимавај твојот пријател никогаш да не се почувствува инфериорен во однос на тебе.

Ако не знаеш кој ти е пријател, сите ти се пријатели.

Меѓу твоите вистински пријатели нема стари и нови.

Пријателот те советува, од непријателот учиш.

Во натпревар со пријател еднаква вредност имаат победите, поразите и нерешениот резултат.

Прочитај и за ... >>  Жената како жена

Те мами пријател што не ти е.

Пријател не напушта пријател по негов пораз.

Пријателството на човек му е насушна потреба.

Завидливоста и зависливоста му се туѓи на пријателството.

Што и да правиш, нема да успееш непријател кој не може да те смисли да ти стане пријател. 

И среќа и несреќа споделуваш со пријатели. Непријателите со тебе не ја кријат својата злоба и зломисла.

Сосем е небитно колкав е бројот на твоите пријатели.

Пријателите одат со тебе и покрај тебе кон заедничка цел.

Честитост меѓу пријатели.

Со љубов се штити пријателството.

Еден пријател секогаш пред многу пријатели.

Пријателството никогаш не се раѓа случајно.

Имаш пријатели затоа што си за и со пријатели.

Пријател со пари не се купува, ниту за пари се продава.

Не си дозволуваш да  му згрешиш на пријател.

Меѓу пријатели нема ни супериорност ни инфериорност. Пријателите во сè и спрема сè се еднакви.

На пријател не му треба ласка од тебе.

Чистотата на пријателството сама се брани од непријателите.

Не можеш да имаш пријател меѓу стари непријатели.

Избнираш пријател и пријател те избира за пријател.

Како што немаш многу пријатели, така малкумина те имаат за пријател.

Љубовта и пријателството споделуваат добрини.

Оддалеченоста го докажува или го ништи пријателството. Исто како љубовта.

Не сте пријатели штом немате доверба еден во друг.

Пријателски канап не е пријателски штом има многу јазли.

Достоен да ми биде пријател е оној што е секогаш со мене, крај мене и во мојата сенка.

Пријател во неволја ти е голем пријател, но е најголем оној што те брани од какви било неволји.

На пријателот не му дозволуваш да ги повторува сторените греши кон тебе.

Вистинскиот пријател е секогаш со тебе кога ти треба, секогаш ти го штити грбот и те брани од насилни непријатели.

Пријател не се заборава, исто како што пријател не те заборава.

Физичкото и духовното присуство на пријателот се благородни.

Најголеми ти се пријателите кои се исти како ти.

Најдобар пријател може да ти биде стар или нов.

Пријателот нема зошто да се плаши да ти каже болна вистина.

На пријателот му кажуваш сè што ти лежи на душа.

Не си за пријател ако не си за заемно пријателство.

Не му одмагаш на пријател затоа што не ти помогнал кога можел.

Меѓу пријатели еднакви можности, одговорности и права.

Меѓу пријатели сè лично и заедничко.

Играат пријатели без помисла меѓусебно да се надиграат.

Итроштина за непријатели.

Пријателство за доволен живот, спокој, ведрина и хармонија.

Лажен пријател не крие дека ти е лажен. Работата е совреме да го откриеш дека е таков.

Меѓу пријатели нема ништо причинско или последично поврзано со пари.

И во радост и во тага пријателот е пријател.

Во најголемото и најдлабоко пријателство несогласувања со ставови и аргументи.

Пријателите се рамноправи во сè и ништо не си наметнуваат меѓусебе со сила.

Вистинскиот пријател е мудар, достоинствен и доблесен сопатник.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 31