Стари учеа дека земјата, водата, огнот и воздухот се суштествени за опстанокот на животот каков што го разбира човекот. На забелешката дека тие не се суштествени само за животот, туку за постоењето на светот каков што го согледуваме, прифаќаме или на кој се адаптираме. Тие учеа дека нивната суштественост е со оглед на разбирањето на животот од страна на човекот. Па образложуваа, напати објаснуваа: земјата се прифаќа како плодна и родна, водата е наспоредна со крвта и сончевината со оглед на меѓусебната обусловеност, огнот е самосвоен, па како таков е предизвик за човекот да го освои, присвои, контролира, насочува и да се грижи ништо да не го угасне, а воздухот ја одржува рамнотежата меѓу него и природата.
Стари учеа дека животното искуство е важно. Некогаш најважно, некогаш дури пресудно за каков било успех во дејствувањето и делотворноста. Затоа е голема грешка ако тоа не се третира едновремено со знаењето, стручноста, енергијата и енергичноста. Особено кога е збор за млад живот кој бара или се бори за свое место под сонцето. Притоа, искуството не е секогаш поврзано со годините, со староста, но е најдрагоцено токму собрано од колку може повеќе години. Тоа е задоволно и ако се сослуша како совет, без настојчивост да се прифати или да се игнорира.
Простодушни, добродушни, добронамерни стари додека беа живи, до последен издив на последен стар учеа дека молчењето и премолчувањето не треба никогаш да се поврзуваат со замолчувањето. Молчењето и премолчувањето најчесто идат од незадоволство, како противење или како израз на рамнодушност. Замолчувањето, пак, е атака на надмоќност врз немоќ, како и обид да се наметне лажна авторитетност која се потпира единствено на зависност и понизност.
Откако се мртви до последен, простодушните, добродушните, добронамерните стари учеа луѓе кои ги почитуваа, го бранеа нивното достоинство почитувајќи ја најнапред нивната саможртва.
НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 59