Потребно време за читање: 2 минути

Таа имала бурно минато.

-Имав бурно минато. Минав многу бурен живот. И сеемен и љубовен, и работен и творечки, и безработен и слободен. Но, тој е сега минато и не би се навраќала на него. Не би се потсетувала, не би ти зборувала. Не сакам да го преживувам пак. За мене сегашноста, поточно стварноста е сè, а не очекувам иднината да ме чека со раширени раце.

Таа не ги сокрива лузните од своето минато.

-Најмногу од лузниве на моево лице и на моево тело се од љубови. Сум имала секакви и никакви, но сите бурни. Секаквите ми беа со смисла и содржина, а никаквите главно безболни…Ретки беа со среќен крај. Главно завршуваа тажно, несреќно, празно. Најмалку по моја вина…Најмногу се обвинувам себеси за несреќен крај на една. Несомнено најдлабока, најчиста, најискрена, најслободна, најживотворна. Ја испуштив, просто ми се излизга од раце. Да не ме исплаши, па поради тоа? Што знам…Веројатно да!

Прочитај и за ... >>  Сограѓанин

Таа одново, со солзи во очите ја преживува единствената љубов, обвинувајќи се себеси за нејзиниот несреќен крај.

-Не ми беше прва. Ми беше од првите.Траеше две ипол години. Ѝ бев верна. Во меѓувреме не ја изневерив со ниедна друга…Кој да ме прашаше, секому му одговарав дека на светот немало, нема, ниту ќе има друга како неа. Дојде време да ја крунисаме со брак  и…Не знам што се случи. Просто се скрши нешто во мене…Сега мислам, всушност сум убедена дека во еден миг сфатив оти не ја заслужувам. Не ѝ бев дорасната! Сфатив или се уплашив…Не се ни збогувавме. Просто избегав од вечера за нас двајца во наша омилена меана, оставајќи му ливче со само еден збор: „Заборави“.

Таа зборува рамнодушно за минатото.

-Веќе реков, за мене сегашноста, поточно стварноста е сè. Не верувам дека иднината ме чека со раширени раце. Живеам денес, сега, во овој миг…Минатото е само паметење или заборав. Ништо друго…И мислам дека секој човек имал повеќе или помалку бурно минато.

Прочитај и за ... >>  Девојче и танц со снегулки

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 57