Се прашува колкупати и до кога
повторливо
ќе се јавуваат пред него луѓе
безгласни
со сончеви зраци на челата им
ќе се простира над него небо
ѕвездено
во ноќи до ниедно доба.
Се прашува зашто одамна
научил дека повторливоста
сама по себе не докажува ништо
не открива ништо
туку во најголема мера укажува
дека се нема сила и инвенција
за ново самостојно
сеедно почетно или крајно.
Ја има научено уште
при исправање безвременско
како неусловна можност
да се запамети што некогаш
може да треба
дури да биде неминовно.
Пред него повторливо
се јавуваат луѓе безгласни
со сончеви зраци на челата им
над него се простира небо
ѕвездено
во ноќи до ниедно доба
затоа што е постојано еден
единствен и исклучителен.
ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 48