Пролегомена за очовечувањето

Потребно време за читање: 3 минути

Очовечувањето-постојано, развивано и докажувачко:

-затоа што е суштина на постоењето на човечката цивилизација;

-затоа што наспоредно со биолопшкото очовечување човекот се ослободува од особините на животните (со исправениот ôд, предните екстремитети стануваат раце, се шири черепот, се развиваат мозокот и свеста, се развива и негува процесот на зближување и комуникација на луѓето, говорот се артикулира) се случува и општественото (човекот сè повеќе станува општествено битие, живее и се развива единствено во заедница со други луѓе);

-затоа што човекот е човек наспрема човек, и тоа не само во ситуации на меѓусебно спомагање, туку и во каква-годе поддршка на самостојно чекорење кон своја достижна цел;

-затоа што човечкото во човекот се брани со очовечување на соживотот, со содејство и создавање добри и трајни дела за себе и за други;

-затоа што разликувањето на човекот како Божјо суштество од останатиот органски свет ја определува неговата положба во природата (антропизам-сите оние претстави што го ставаат човечкиот организам во спротивност со сета останата природа, но и како поглед на светот и животот-„човекот е мера на сите ствари“) и му придава човечки особини на сè околу него (антропоморфизам);

-затоа што хуманизацијата на живеењето е и смисла на индивидуалниот и колективниот опстанок;

-затоа што без човечко во човекот бавно, непречено, без престан се обезличува, обеснажува, обезвреднува, обезгласува и обезименува рамнотежата меѓу животот и смртта.

Теодор Вишен за очовечувањето во неговата „Жива мисла“:

Размисли за својата положба како непореклив мислител и творец, па почни или продолжи да го менуваш светот кој никако не може без тебе.

Со чесна мисла ги менуваш состојбите и нештата за да ти прилегаат.

Посветениот на очовечувањето на луѓето е примерен.

Од добри зборови на возвишени дела.

Можеш да издржиш како човек меѓу нелуѓе? А што бараш ти меѓу нив?!

Ако според тебе сè има цена, сè од тебе и за тебе е на продажба.

Му се доближуваш на човек оти го мислиш човек, а он бега од тебе!

Гледај луѓе пред тебе, внимавај на нелуѓето зад тебе. Луѓето пред тебе те викаат да им се придружиш, а нелуѓето зад тебе те следат за да те искористат.

Убавината на светот живее во човекот.

Природата и човекот опстануваат заедно човечки.

Сè по мера на човекот во живиот свет.

Човекот е зоздаден во љубов и за љубов до смрт.

Никогаш човек човечен пред сите и над сите луѓе.

Човекот црпи најголема сила од сопствената човечност.

Користи го човекот, не го искористувај за брзо да го отфрлиш од себеси и никогаш не помислувај да го злоупотребиш.

Човечки е постојано да се надминуваш себеси.

Стремежот на човекот кон какво-годе совршенство е всушност докажување на неговата несовршеност.

Да владееш со самиот себе е врв на твоето очовечување.

Живеј и умри човечки.

Прва и последна животна лекција што ја научува човек е како да се биде човек.

Добар и вреден човек-и голем и мал.

Човечкото величие постојано ја придвижува напред човечката цивилизација.

Стрвноста е прва која го прави човекот животно.

Среќата поради помагање на човек е неизмерна.

Волкот успева да му се прикаже како добродушен и добронамерен на наивна овца.

Суровите луѓе не се луѓе за со луѓе.

Со човечка добрина наспроти грубостите на животот.

Лесно се препознаваат лоши луѓе предводени од лош човек.

За жалење е човек кој со лажги и итроштини ја гради својата среќа.

Човек за миг станува нечовек кога загрозува и ништи невини луѓе.

Твојата љубов и твојата добрина ги докажуваш со трајни, а не со минливи дела.

Лоши луѓе во лоши времиња.

Твоето незадоволство од други и со други не им го пренесувај на трети. Нивното незадоволство од тебе ќе порасне несогледливо.

Достоен, доследен и доблесен човек човечен.

Сè поретки се добрите луѓе? Трагедија!

Само човек создава човек за повисоки цели.

Сè човечко му прилега на човек.

Прав човек верува само во човек.

Човек со човек сал со добра мисла.

И во држава и во општество чоцек со човек за човек.

Човекот скротува и припитомува животни за да живеат заедно.

Страда откриен човек меѓу нелуѓе.

Спокојно спие човек кој будно ги чува човечките созданија.

Личотија за вљубено човечко срце.

За човек вистина, за нечовек лага.

Нечовечниот човек е животно кое ништи сè што не му е подредено.

Секој човек човечен со многу свои и тајни на негови ближни.

Човек од неволја го избавуваат луѓе.

Целосен човек е најпрвин човечен.

Човек гради, нечовек разградува. Како што вљубен ја гради љубовта, јакиот ја брани нежноста, совесноста ја поразува омразата, а извишениот не престанува да ја истакнува скромноста на својата природа. И како што човечноста ја шири својата светлина.

ЖИВА МИСЛА, мислечко-поетичен роман, 30