Концептуалната уметност е насока во современата уметност во 60-тите години на 20. век. Нејзин главен аргумент е дека „уметноста треба да постои само како идеја, а не како физички ентитет“.
За приврзаниците на ова движење идејата за реализирање на некое уметничко дело или проект значи многу повеќе од неговата материјална реализација.
Настанувањето и филозофијата на ова движење се врзува за европското движење Дада, делото на филозофот Лудвиг Витгенштајн и делото на творецот на концептот „redi mejd“, Марсел Дишан. Неговата инсталација „Фонтана“ од 1917-та година се смета за прво дело на концептуалната уметност.
Движењето на концептуалната уметност многу брзо се претворило во интернационално, ширејќи се од северноамериканскиот и европскиот континент на останатите делови на светот. Тоа било најшироко уметничко движење на 20-от век што се интересирало за самиот концепт на уметноста, општеството, политиката итн.
Концептуалните уметници сметале дека уметноста може да биде пишуван текст, публикација, претставена во некое одредено сценарио, произведена следејќи ги упатствата на уметникот или која било идеја пренесена усмено, преку скици, фотографии, звук, видео запис итн.
Значи, задача на концептуалната уметност е на посматрачот да му се пренесе „концептот“, отфрлајќи ја важноста на самиот творец, уметникот. Концептуалното дело користи текст за тој зафат, дури повеќе отколку слика, цртеж или која било друга техника.
Движењето ја негира важноста на уметничката историска традиција, како и вредноста на материјалот и техниката во уметничкото дело. Со тоа концептуалната уметност ја доведува во прашање самата нејзина природа.
Терминот за првпат го употребил Хенри Флинт во 1961-ва година, а подоцна неговото значење се проширило од страна на групата „Уметност и јазик“ (Art and Language), што ја предводел Џозеф Кошут. Според неа, концептуалната уметност настанува кога анализата на едно уметничко дело ја заменува самото дело. Концептуалните уметници се согласиле околу теоријата дека процесот на осмислување и сознанието кое настанува во тој процес е поважно од материјализацијата на уметничкото дело.
Првата изложба на концептуална уметност, под името Conceptual Art and Conceptual Aspects, е приредена во 1970-та година во Културниот центар во Њујорк.
Позначајни концептуални уметници: Joseph Kosuth, Yves Klein, Richard Long, Keith Haring, Piero Manzoni и Sol LeWit.
За разлика од минималната уметност, концептуалната не се занимава со проблемот простор- привидност или простор- искуство, туку се фокусира, преку идејно поставена или скицирана конструкција на една прототипска ситуација, на комплексните и решавачките фактори кои стануваат ефективни во едно точно дефинирано и ограничено поле на стварноста. Уметничкиот акт за првпат се претвора во централен проблем за размислување, со поттикнување на медитацијата за проблемите претставувани во своите различни модалитети.
Заговарачите на концептуалната уметност веруваат дека со неа е проширен хоризонтот на уметноста и запрено ширењето на меркантилизмот, додека многумина критичари ја сметаат за мошне претенциозна.
Концептуалната уметност беше одлична основа за развивање на нови уметнички форми, како што се уметничката инсталација, перформанс уметноста, видео уметноста, и во поново време уметничките форми кои користат информатика и роботика, како медиуми преку кои се пласираат „идеи“.