Нешто живее

Потребно време за читање: < 1 минута

Знам дека нешто живее долго,
којзнае колку далеку од мене,
што можеби некогаш
ќе ме сретне мене без живот
за заедно да заживееме,
па да живееме и преживееме
во некое наше доба.

Го чувствувам како дише
ту спокојно, ту вознемирено,
рамнодушно или болно,
на секој чекор пред мене
меѓу прва и последна цел.

Тоа нешто живее долго
како почеток и продолжение
на наша заедничка пустелија
во која конечно ќе исчезнам,
јас остаток од плодна земја,
јас голи коски без логика
длабоко во неа,
јас сенка на сопствена сенка
без срцевина.

Знам дека од мене зависи сè
додека се мислам себеси
сè уште жив.

ВНАТРЕШНИ СОДРЖИНИ, Пустелија, поетска студија, 4