Дека јас

Препев на пев и повев

Јас одамна не сум во средина
своја или нечија нека е ничија
па да се мислам дали
да продолжам како досега
да летам како човек
меѓу разни јата птици збрани
во последна песна претсмртна
или да се изделам
да ги оставам сами и без мене
извишувајќи се над сите
премрежја на светот
сè уште жив.

Јас одамна сум единствен
часкум
горе на ведро на облачно небо
часкум
долу на гола на мртва земја
часкум
меѓу надојдени матни води
часкум
меѓу незамисливи сушини.

Дека јас сум одамна настрана
од сите собитија на времиња
збрани во минато и сегашно
невреме
кое нигде и никогаш
ниту почнува случајно
ниту завршува неминовно.

Дека јас одамна
дека јас секогаш.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 43

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.