Брегови на река

Потребно време за читање: < 1 минута

Не може река без брегови
ни во разурнат град на птици
напуштен од птици и луѓе
со своја игра на слобода.

Може сама одвреме-навреме
сосе невреме да ги поплави
затоа што ѝ станало претесно
коритото
а згора од изворот
до вливот во бурно море
насобрала во себе
секакви наноси
од тиња од песок
од останки од извалкан живот
сомненија и неизвесности.

Не може рекава без брегови
а ги немала пред
а ги нема по невреме
кое штотуку  со молња
уби последно дрво
во векови вкоренето.

Бреговите на рекава
која му прикажува на човек
во последен издив жизнен
препев на пев во немост
и на повев кој совреме
заминал којзнае каде
всушност се живеалишта
до небо
од камен дрво и железо
потонати во тишина
болно неизречлива.

ПРЕПЕВ И ПЕВ НА ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 41