Лет

Потребно време за читање: < 1 минута

-Ти стварно леташ?!

-Да, летам меѓу стварен и заумен свет. Почесто во заумниот одошто во стварниот.

-Леташ како птица?!

-Токму така…Како птица…А гледаш, немам крилја.

-Значи, не си птица. Јас не знам птица без крилја. Ни меѓу оние што не знаат да летаат…Да не замислуваш дека леташ зашто си творц, поет? Творците, меѓу нив најмногу поетите често летаат меѓу стварноста и заумноста.

-Ти ги слушам иронијата и сарказмот во гласот. Но добро. Ги сметаш поетите изгубени во свои светови…Ј ас сум поет, па…Ме гледаш, а не ти се верува.

-Кога ќе престанеш да леташ меѓу стварниот и заумниот свет? Сè си предвидел и испланирал пред да полеташ?

-За чие било летање, и на птици и на луѓе, единствено се важни навременоста на полетувањето и целта на летот. Оттука е сосем небитно до кога ќе се лета меѓу, односно кога ќе се продолжи летањето во еден или друг свет. Особено кога е збор за летањето на човекот…Да, јас летам меѓу стварен и заумен свет, но воопшто не размислувам за определување за едниот или другиот. Мислам дека е тоа така со секој човек што летал, лета или ќе лета допрва.

-Која е целта на твоево летање? Да не е нова песна?

-Не и не! Ти реков дека сега не летам како поет…Ако ми се придружиш, ќе ти ја откријам целта. Гарантирам дека ќе бидеш задоволен, па и среќен од нашето заедничко летање.

-В ред, прифаќам, ти се придружувам…Еве, летаме заедно. И?

-Многу се радувам што прифати без многу размислување. Тоа значи дека ми веруваш. Па…Ќе летаме некое време меѓу стварен и заумен свет, колку да се прилагодиме на различните услови за летање, а потоа ќе се упатиме кон стварен во кој луѓето се птици, а птиците луѓе.      

МОЛКНАТИ ДИЈАЛОЗИ, раскази/ескизи, 20