Ливови

Препев на пев и повев

Меѓу ноќи и дни
ливови скитаат низ улици
низ празни простори
на разурнат град на птици
безгласни
без самотни крици
на неугаслива жед.

А ноќите мразни
а дните пеплосани.

Понекој ветар
од нив сè уште неуловен
со отворени рани
и неизглодани коски
скришно речиси несетно
се провлекува
низ нечујни мртви песни
докажувајќи си на себеси
дека ништо не иде
ниту нешто доаѓа по него.

А ливови ослободени
од кафези
а ливови заробени
во сенишни дивини.

ПРЕПЕВ НА ПЕВ И ПОВЕВ, Разурнат град на птици, поетска инсталација, 38

За авторот: Љупчо Димитровски

Долгогодишен радио и ТВ новинар, писател и медиумски уредник со повеќе од 40 години искуство во електронските медиуми. Автор е на над 150 книги и основач на порталот Panoptikum.mk, како продолжение на култната емисија „Паноптикум“, со силен фокус на комуникација и новинарство.

За повеќе написи од авторот кликни тука.