За пример

Потребно време за читање: < 1 минута

Он е сè повеќе загрижен дека веќе подолго време не догледува, ниту среќава човек за пример. А е одамна знајно: ништо не се придвижува напред без макар еден таков. Бидејќи примерот е за да се следи.

Загрижен е и сè подлабоко замислен особено откога го нема, откога ненадејно исчезна неговиот човек за пример. Кој им го препорачуваше, да стане и нивен. Никако да открие што му се случило.

Неговиот човек за пример беше исклучителен. Тоа значи неповторлив и без можност да се подражава. Освен да се следи. Пред сè друго, беше голем творец, не според обемноста на неговото творештво, туку затоа што тоа траеше во континуитет повеќе од половина негов животен век. Го снема, ненадејно исчезна  баш на почеток на време во кое индивидуалноста почна да се наметнува како суштествена за опстанокот на која било и каква било заедница. Што, пак, неговиот човек за пример ниту го прифаќаше тоа, ниту го признаваше.

Сега нему му преостанува само да зборува, да потсетува, да се труди да не се заборава неговиот човек за пример. Поточно он како творец, сосе неговото творештво. Притоа, повторувајќи дека и он и тоа беа за следење, а не за подражавање. Поготово затоа што во меѓувреме како што брзо помина времето на индивидуалноста како суштествена за опстанок на секоја заедница, така брзо се прифати согледбата дека индивидуалноста не е за пример поради тоа, туку за поттикнување и насочување на заедничко извишување кон далечни височини. Таа служи како пример дека вредностите создадени од човек се еднакви и во рамновесие со вредностите обусловени од закономерностите на природата.

Он сепак се надева дека скоро ќе догледа или ќе сретне човек за пример. Кого и тој и сите околу него ќе го следат неспоговорно. За одново да се придвижуваат напред, кон некоја за нив достижна цел.

НАВНАТРЕ И ОДНАТРЕ, раскази/ескизи, 53