Орел и орлица

Потребно време за читање: 2 минути

Орел и орлица никако да одржат во живот потомство, да пораснат орлиња и со нив да бидат заедно до смрт. Само што ќе изродиле, ќе им вдахнале живот и ќе почнеле да ги хранат, да ги растат, или само што ќе почнеле да ги учат на летање ќе ги обзела некоја неизлечива болештина, па брзо ќе умреле. Ќе посакале да го напуштат гнездото, па уште недоучени да летаат и да освојуваат височини брзо обессилени паѓале и гинеле во некоја провалија.

Едно утро орелот и орлицата решиле да полетаат високо на небото и од високо да побараат некое безбедно место за семејна живеачка, на највисока планина. Непристапно ни за други птици и грабливи животни ни за смртни домашни и странски душмани. А пределот наоколу да биде жив, да дава живот, најпрвин доволно орлова храна во сите годишни доба. Долго летале високо на небото внимателно гледајќи под нив. Им се видело најпогодно едно на гола и стрма планина, на дофат на небото. Брзо си направиле гнездо и орлицата снесла три бели јајца. Ги лежела пет ипол недели, па полетала заедно со орелот за да почнат заедно да ги хранат малечките.

Едно утро орелот и орлицата полетале високо на небото. Во подножјето на планината орелот здогледал зајак и со ненадеен залет го зграпчил. Па полетале кон гнездото, радосни дека за себе и за потомците обезбедиле изобилно јадење. Орлињата веќе биле потпораснати, два-три дена пред деветтата недела, значи пред напуштање на гнездото.

Уште оддалеку им се видело и почувствувале дека нешто не е в ред.

Гнездото било празно! Каде им е потомството?! Невозможно е да го напуштиле семејното живеалиште, да се осамостоиле предвреме, да полетале кон свои светови!

Ги  здогледале орлињата во подножјето на голата планина, во длабока провалија. Мртви! Што им се случило?

Голата планина! Таа ги убила. Дека гола! Дека мртва! Малечките полетале и одлетале предалеку, па немале сили да се вратат, па заедно отишле во смрт.

Орелот и орлицата пресвиснале од неизмерна тага.   

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 55