Мечка

Потребно време за читање: 3 минути

Една мечка ги слушнала и разбрала народните изреки и изрази во кои таа игра главна улога, поточно се употребува и злоупотребува од страна на народот, па решила лично да ги докаже или одрече; со личен пример, со лично ангажирање според односната состојба или човечко однесување.

Најпрвин се соочила со народната изрека „Роди мечка“. Таа кажува дека некојси човек се изнамачил да заврши некоја работа или да создаде некое дело, и тоа исто колку што таа се мачи да роди. Тоа воопшто не ѝ се допаднало, особено нејзината преносна смисла, па решила да преземе конкретни мерки на исфрлање од натамошното користење. Прво затоа што човек кој си ја знае работата или му е дадено од Бога да создава дела никогаш не си дозволува притоа да трга маки, а второ-и мечката, како сите диви и питоми животни, не трга живи маки при раѓање.

Им се понудила на луѓето со личен пример да им докаже дека маката нема никаква врска меѓу работата, создавањето дела и раѓањето на мечките. Но, луѓето ја убедиле дека ѝ веруваат и нема потреба од конкретно докажување. Ѝ ветиле дека изреката „Роди мечка“ веќе нема да ја користат ни случајно ни намерно.

Мечката посебно ги ставила во мисла сличните, речиси идентичните изреки „Ќе ти заигра мечка и пред твоја врата“ и „Ќе заигра мечка и на твојот праг“.

Првин заклучила дека не станува збор за буквално играње, со оглед дека по природа таа е мошне тромава за каква било игра, поготово за играње оро. Можеби би можела да го заигра орото „Тешкото“ пред вратата или прагот на агресивен недобрососед, но би морала да го прескокне качувањето на тапан. Што, пак, е најспецифично за него. За побрзите и посложените ора, како на пример „Пајдушко“ со пет такта, од кои два брзи и три бавни. не може да стане ни збор.

Мечката мошне темелно ги промислила вратата и прагот во двете речиси идентични народни изреки. Побарала помош и од луѓе од два спротивставени недобрососедски народа-едниот се бори за сопствен опстанок во свое домашно огниште, а другиот гледа сеир. Ги прашала зошто ја ставиле баш неа во главна улога меѓу борба и сеир; зарем таа како мечка им е сомнителна и како поттикнувач на борбата и како противник на сеирот. Тие ѝ дале задоволителен одговор, имено дека кога се повиикуваат на мечката тие всушност мислат на претпоставените последици во обата случаја. Мечката е всушност позитивен пример во контекстот, и тоа истовремено како заплашувач и како повикувач на солидарност и пружање помош.

Од изразите или фразеологизмите кои се директно и индиректно поврзани со мечката, се издвојува „Мечкина услуга“. Лесно може да се претпостави дека станува збор за негативни последици од добиена услуга.

Кога првпат го слушнала наведениот израз, мечката била многу разочарана и тажна. Се прашала дали е толку лоша, што по нејзина каква било услуга следи нешто лошо?

Кога првпат ја слушнала басната со поука „Пустиникот и мечката“, за мечка која бркајќи мува од свој брат пустиник ги убила и него и неа, таа долго не можела да се соземе од болката предизвикана од двојното убиство. Тоа се случило во топол летен ден. Пустиникот папсал од долго пешачење на жештина, па седнал да дремне во ладовина. Мечката му ветила дека ќе го чува додека дреме. Во меѓувреме, една мува почнала да лета околу него и да му лази ту по едниот, ту по другиот образ. Мечката почнала да ја брка со својата шепа, па во еден момент, сакајќи да ја избрка замавнала толку силно што ги отепала и мувата и пустиникот. Згора на сè, авторот на басната ја нарекол мечката „услужливо будалче“ и ја окарактеризирал како поопасна од враг. То го потврдува и со поуката: да се внимава од кого се бара услуга, поготово услугата да не чини премногу скапо.

Во однос на наведениот израз односно фразеологизам, мечката не сакала ниту да се сретне и да разговара со луѓе кои имале или имаат пријатели мечки кои им даваат секакви услуги, ниту да ги праша што, зошто како и слично. Само им порачала дека раскажаниот случај во басната е еден и единствен, случаен и несакан, па не е добро и за неа и за нив да се заклучува дека секоја нејзина услуга се претвора во мечкина. Напротив, таа би можела да наведе многу примери во кои услугата за неа сторена од пријател човек била ептен „мечкина“.

БАСНИ БЕЗ НАРАВОУЧЕНИЕ, сатиралии, 53